Планинарката Тифани Слејтон преживеала откако била изгубена 24 дена во ледената дивина на Источна Калифорнија, а за медиумте ги раскажува деталите од нејзината драматична борба за живот.
Тифани се изгубила во шумата, откако се искачила 3.000 метри во областа на планинскиот венец Сиера Невада, и немала начин да повика помош, пишува „Метро“.
Сè започнало на 20 април, кога последен пат била видена на снимки од надзорните камери во локалната заедница Хантингтон Лејк. Девет дена подоцна, нејзините родители пријавиле дека е исчезната и била организирана потрага.
Надлежните служби истражиле 1.224 квадратни километри, но не можеле да ја пронајдат изгубената планинарка. Во исто време, таа ги трошела последните атоми од силата за да ги преживее суровите услови во замрзнатата дивина.
Иако тргнала во авантурата со основна опрема за кампување, шатор и вреќи за спиење, таа изгубила сè откако била зафатена од лавина. Ја изгубила свеста откако паднала од карпа, ја повредила ногата, но не сакала да се предаде.
Тифани со себе имала само нож, запалка и неколку грицки додека пешачела низ снежни наноси длабоки помеѓу три и 3,6 метри.
По неколку дена, ѝ снемало храна, па продолжила да се храни со диво овошје. За да остане хидрирана, пиела стопен снег.
„Најлошото нешто што можете да го направите во итна ситуација е да паничите“, рекла Тифани по чудесното спасување.
Таа пешачела десетици километри и ги издржала ударите на 13 снежни бури, а потоа наишла на отворена планинска колиба. Поминале 24 дена откако се изгубила и била на работ на очај.
Но, осум часа подоцна, сопственикот, Кристофер Гутиерез, дошол во колибата и ја пронашол Тифани.
„Да не дојдеше тој ден, ќе го пронајдеше моето безживотно тело. По 13 снежни бури, немав повеќе сила“, им рекла Тифани на новинарите.
Кристофер рече дека веднаш сфатил кој е „непоканетиот гостин“ во неговата колиба и ја контактирал службата за спасување.