Поранешен свештеник обвинет за сексуално злоставување на деца изнесе шокантни обвинувања против новиот папа

Точка

21/05/2025

17:07

1.150

Големина на фонт

а а а

Озлогласениот свештеник обвинет за злоставување на момчиња и млади од 10 до 18 години се присети кога добил помош од Роберт Превост.

Роберт Превост, кој беше именуван за нов поглавар на Католичката црква претходно овој месец, е обвинет дека ги игнорирал скандалите со сексуално злоставување во црквата во Чикаго додека служел како провинциски поглавар на августинскиот ред на Католичката црква за Средниот Запад.

Поранешниот свештеник Џејмс М. Реј тврди дека Превост му одобрил да се пресели во манастирот во Хајд Парк, во близина на католичко основно училиште, иако Реј веќе бил обвинет за сексуално злоставување деца.

Реј, кој се наоѓа на листата на надбискупијата за обвинети сексуални престапници, вели дека од 1990 година бил под „ограничена служба со забрани“ поради обвинувањата за злоставување.

Сепак, тој работел во три парохии, а во 2000 година Надбискупијата на Чикаго му помогнала да најде место за живеење каде што нема да претставува закана за јавноста.


На крајот му било дозволено да остане две години во манастирот „Свети Џон Стоун“, кој се наоѓа на помалку од двесте метри оддалеченост од основното училиште „Свети Тома Апостол“ и веднаш спроти еден центар за дневна грижа за деца.

Училиштето никогаш не било информирано дека Реј – кој никогаш не бил осуден за кривично дело и не се наоѓа во ниту еден државен регистар на сексуални престапници – ќе живее во тој дел од градот, а нема докази дека бил информиран и блискиот детски центар.

Наместо тоа, црковните власти во документацијата лажно навеле дека „нема училишта во непосредна близина“.

Превост, денес познат како папа Лав XIV, според Реј, бил оној кој го дал конечниот потпис за неговото преселување во манастирот.

На прашањето како знае, Реј одговорил: „Пишуваше во документите, а мислам дека и Џим кажа“, мислејќи на веќе починатиот свештеник Џејмс Томпсон, августинец кој живеел во манастирот и бил негов надзорник додека Реј престојувал таму.


Одбраната на Превост

Црковните претставници тогаш рекле дека, бидејќи Реј требало да биде под строго надгледување во манастирот, Превост наводно не ги информирал директорите на основното училиште „Свети Тома Апостол“.

Но, Мајкл Ердо, долгогодишен адвокат на августинците во Чикаго, сега се обидува да го дистанцира папата од обвинувањата на Реј.

„Улогата на тогашниот провинцијал Превост била да прими гостин во куќата под поставените услови“, вели Ердо, додавајќи дека Томпсон „имал исклучива контрола врз прифаќањето на сите нови жители“.

Реј останал во манастирот две години, сè додека не бил преместен според новите правила донесени од Американската конференција на католички епископи за да се држат свештеници обвинети за злоставување деца подалеку од нив.

Истата година бил отстранет од јавна служба, по експлозивната серија текстови на „Boston Globe“ за скандалот со сексуално злоставување во Католичката црква. Десет години подоцна, во 2012 година, Католичката црква го разрешила Реј од свештеничкиот ред.

„Се чувствував напуштен од Црквата, но никогаш не почувствував дека Бог ме напуштил“, изјавил Реј за „Daily Mail“.

„Мојата вера сè уште е силна. Секој ден го живеам најдобро што можам“, додал тој, наведувајќи дека секогаш кога некој ќе ги спомене обвинувањата против него, чувствува болка во градите.


Злоставување и во Меѓугорје

Две години по неговото разрешување, биле објавени внатрешни досиеја за бројни обвинети свештеници во областа на Чикаго. Се открило дека жртвите на Реј биле на возраст од 10 до 18 години.

„Исто така, како што е наведено подолу, изгледа дека имало уште три именувани мажи врз кои Џим Реј можеби мастурбирал“, стои во документите.

„Заедничка тема во рамките на тие три формални обвинувања за сексуално злоставување била дека Реј се зближил со нивните семејства … Потоа физички ги допирал, ги терал да седат во неговиот скут, ги масирал по грбот, што со текот на времето довело до обострана мастурбација.“

Секоја од жртвите изјавила дека, додека седеле во неговиот скут или за време на масажа, „го почувствувале неговиот еректиран пенис“. Масажите преминале во заемно мастурбирање.

Црковните записи исто така покажуваат дека Реј признал друг инцидент во 1993 година за време на посета на Меѓугорје, каде наводно се појавила Девицата Марија.


Додека бил на аеродромот, според записите, Реј „сретнал параплегичар кој го замолил да му мастурбира, а тој признал дека го сторил тоа“.

Вкупно, државниот обвинител на Илиноис во 2023 година утврдил дека Реј злоставувал најмалку 13 деца. Во разговор со американски медиуми, Реј се обидел да ги минимизира обвинувањата, велејќи дека само му масирал грб на младиот човек.

Но кога се соочил со сериозноста на обвинувањата, го сменил ставот.

„Не можам да ја променам минатото. Не сакам ни да се бранам. Но, на скала од еден до десет – погрешив, но тоа беше еден или можеби половина“, рекол Реј.

„Тоа не беше дете. Беше млад возрасен човек, постар од 20 години. Направив грешка и морам да живеам со тоа.“


Други случаи поврзани со папата

Ова не е првпат папата Лав XIV да биде обвинет за игнорирање на скандали со сексуално злоставување деца во Црквата.

Претходно бил критикуван што не покренал формална истрага за наводно сексуално злоставување од двајца свештеници во бискупијата Чиклајо во Перу, која ја водел од 2014 до 2023 година.

Жртвите тврдат дека, под раководството на Превост, бискупијата во 2022 година намерно го минимизирала опишувањето на случајот и документацијата што ја испратила до Ватикан, со што ја спречила Црквата да преземе мерки против обвинетите свештеници.

„The Pillar“, католички истражувачки медиум, извести дека Превост на крајот се сретнал со жртвите во април 2022 година и ги охрабрил да го изнесат случајот пред граѓанските власти додека трае црковната истрага.

На крајот, истрагата била „прекината поради недостаток на докази и поради застареност“.

Со оглед на сето тоа, Мрежата на жртви на свештеничко злоставување изјави дека соработувала со други организации за да ги информира 135-те кардинали што го избраа Превост за неговата наводна неактивност.

„Оваа личност ќе биде критикувана од сите страни“, изјавил Лопез де Касас, национален потпретседател на групата, изразувајќи надеж дека изборот на Превост ќе стави во фокус прашањата за злоставување во рамките на Црквата.

„Тоа е корисно за жртвите насекаде, затоа што имаме папа кој ќе биде под лупа за неговите постапки од минатото“, рекол тој.

Од своја страна, Превост во интервју за „Vatican Media“ во 2023 година изјави дека „молчењето не е решение“ кога станува збор за скандалите со сексуално злоставување.

„Мора да бидеме транспарентни и искрени, инаку нивните рани никогаш нема да заздрават“, изјави тогаш идниот папа. „Ова е голема одговорност, за сите нас.“

Реј сега вели дека избирањето на Превост генерално носи „многу позитивна енергија“.