Вишиот суд во Белград донесе пресуда со која Миљана и Владимир К., родителите на момчето што го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“, се прогласени за одговорни за нематеријалната штета нанесена на Татјана Стевановиќ, професорката по историја која беше ранета во нападот.
Треба да и платат 6.900.000 динари, односно околу 58.800 евра, заедно со законските камати и трошоците на постапката.
Судот смета дека за штетата одговараат родителите бидејќи настанала како резултат на лошото воспитување и примерот што го дале на нивниот син. Во пресудата е наведено дека го однеле на стрелиште и му дале пристап до оружје, без соодветно обезбедување во куќата. На овој начин, според мислењето на судот, ги занемариле основните родителски обврски и дозволиле развој на опасен интерес за оружје кај малолетно дете.
Судот ги отфрли тврдењата на родителите дека не можеле да предвидат што ќе се случи, нагласувајќи дека момчето било способно да го разбере значењето на неговите постапки и да го контролира своето однесување во моментот на нападот.