Голем дел од Интернет порталите во Македонија не сакаа да ги потпишат договорите на агрегаторите на вести, кои станаа обврзувачки со последните законски измени преку Законот за авторски и сродни права („Службен весник на РСМ“ број 87/2005). На оваа тема Бранко Геровски се огласи преку Фејсбук статус кој го пренесуваме во целост:
Утрово, со писмен допис до сопственикот на агрегаторот Тајм.мк, порталот Плусинфо еднострано го раскина договорот за агрегирање вести.
Како што веќе е објавено, Плусинфо и со потпис се придружи кон ставот на Здружението Онлајнмедиа.мк, поддржан од голема група интернет медиуми, дека агрегирањето вести од страна на сите агрегатори, како досега, е неприфатливо.
Порталот Плусинфо, како и здружението Онлајнмедиа, останува отворен за разговори со агрегаторите, заради усогласување на праксата на агрегирање содржини од медиумите со Законот за измени и дополнувања на Законот за сродни и авторски права. Плусинфо останува на заедничката одлука да се прекине агрегирањето од денеска, 21 мај, до евентуалниот договор со агрегаторите.
Договорот склучен меѓу Плусинфо и Тајм предвидува отказен рок. Сопственикот на агрегаторот, се разбира, може да одлучи во тој рок и натаму да ги агрегира нашите содржини, но тоа нема да го промени нашиот принципиелен став.
Плусинфо е активен член на здружението Онлајнмедиа, а јас лично сум еден од креаторите на законското решение со кое во Законот за авторски и сродни права за прв пат се воведува новинарско авторско дело. Оваа измена, според мене, има силно реформско, ако не и историско значење за македонските медиуми, бидејќи ја регулира обврската за почитување на авторскиот труд на новинарите и на авторските производи на медиумите.
Од тие причини, Плусинфо ќе инсистира на доследно почитување на Законот од страна на агрегаторите, за кои е предвидена конкретна обврска да стапат во договорни односи со интернет медиумите.
Не знаеме до кога сопственикот на агрегаторот Тајм.мк ќе ги агрегира нашите содржини во отказниот рок, но јавно му сугерирам да се фокусира на отворената можност да разговара со интернет порталите.
Јас сум убеден дека со добра волја на страните, со препознавање на легитимните интереси и со доследно почитување на Законот, може да се дојде до вин-вин решение за сите.
Секое друго однесување е бесмислено. Народот вели, со сила убаина не бидува...