Германскиот канцелар Фридрих Мерц основа сосема ново министерство со цел поедноставување на државниот апарат и намалување на бирократијата, а на чело на тоа министерство назначи еден бизнисмен.
Меѓутоа тој самиот беше донекаде изненаден кога новиот канцелар Мерц го назначи во својот кабинет. Сè се случи „сосема ненадејно“, рече 55-годишникот за време на едно од неговите први јавни појавувања, пишува Дојче Веле.
Карстен Вилдбергер нема претходник. Неговото Министерство за дигитализација и модернизација на државата е сосема ново. И сè се случи прилично брзо: кога беше назначен, тој официјално не беше член на ниедна партија, но веќе наредната недела, ѝ се приклучи на Христијанско-демократската унија (CDU) на Мерц.
Овластувањата што му ги додели владата се значајни: пет министерства, плус кабинетот, префрлија делови од своите одговорности на неговиот нов оддел. Во суштина, сè што е поврзано со управувањето со државната ИТ инфраструктура сега е под надзор на Вилдбергер, човек кој до пред две недели беше извршен директор на меѓународната малопродажна компанија „Ceconomy“, која управува со синџири продавници за електроника низ цела Европа.
Германскиот Илон Маск?
Останува да се види што точно ќе значи позицијата на Вилдбергер во пракса, но фокусот на ефикасноста и дигитализацијата, како и фактот дека новиот министер се перципира како „аутсајдер“ од деловниот свет, предизвикаа споредби со Илон Маск и неговото Министерство за владина ефикасност (DOGE) за време на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
Никлас Потрафке, директорот на Центарот за јавни финансии и политичка економија при Минхенскиот институт Ифо, проценува дека заедничкото нешто на Вилдбергер и Маск би можел да биде „елементот на нарушување“.
„Мислам на тоа дека одредени работи се прават поинаку, дека се размислува на сосема нов начин. И дека работите за кои знаеме дека се проблематични, како што се административните процедури, навистина се менуваат. Ова се позитивни аспекти што би можеле да ги пренесеме од однесувањето на Маск“.
Сепак, малку е веројатно дека Вилдбергер ќе почне да отпушта државни службеници во голем обем или театрално да мавта со моторна пила на политички митинзи. За почеток, неговиот тон е многу поумерен.
„Мојата цел е да создадам оптимални услови за раст на Германија како конкурентна и иновативна дигитална локација“, рече тој. „Ова бара модерен, ефикасен и граѓански ориентиран државен апарат, како и администрација која размислува и дејствува дигитално“, додаде тој.
Вилдбергер, исто така, изјави дека ќе работи „со почит, љубопитност, решителност и тимски дух“. И додаде уште еден, прилично енигматичен термин: „со пријателска упорност“.
Сепак, Никлас Потрафке верува дека споредбите со Маск не се соодветни: „Илон Маск е многу необична и впечатлива личност. Вилбергер не е ни приближно толку ексцентричен.“
Постои уште една клучна разлика: Маск не е официјално дел од владата, што значи дека не е ограничен од секојдневните компромиси на администрацијата. Исто така, за разлика од Маск, Вилдбергер ќе мора да се придржува до многу построги правила за заштита на податоците пропишани од Европската Унија.
Но, слично како Маск, Вилдбергер очигледно има склоност кон радикално намалување на регулаторните ограничувања за бизнисот: „За секој нов закон, два мора да се укинат – дали е тоа можно“, праша тој во својот говор на состанокот на Економскиот совет, на лоби група блиска до ЦДУ.
Според него, два закона треба веднаш да се укинат: Законот за синџири на снабдување, кој има за цел да ги заштити човековите права и да спречи модерно ропство во глобалните синџири на снабдување, и Законот за греење, кој треба да ги направи системите за греење во новите згради поеколошки.
Регулатива против „нарушување“
Потрафке смета дека не е секогаш добра идеја да се назначуваат бизнисмени на владини позиции: „Лош исход би бил ако поранешните бизнисмени донесат регулативи што ги фаворизираат нивните сектори. На тој начин би можеле да го подготват теренот за себе, бидејќи знаат дека еден ден ќе ја напуштат политиката и ќе профитираат преку своите компании“, истакна тој.
Инаку овластувањата на Вилдбергер се ограничени и од германскиот федерален систем, каде што покраинските и локалните самоуправи имаат значителна автономија во управувањето со јавните услуги.
„Една од неговите главни задачи ќе биде да формира сојузи и да најде заеднички јазик со покраините, бидејќи не може да им наредува“, рече Лена-Софи Милер, директорка на германската непрофитна мрежа за дигитално општество „Initiative D21, која соработува и со приватниот и со јавниот сектор.
Зошто токму Вилдбергер?
Канцеларот Фридрих Мерц не направи ништо револуционерно кога во кабинетот воведе менаџер од приватниот сектор. Тоа е еден вид германска традиција, и тоа од двете страни на политичкиот спектар: во 1998 година, социјалдемократскиот канцелар Герхард Шредер го назначи Вернер Милер, кој беше член на управниот одбор на енергетскиот гигант РВЕ, за министер за економија. Неговата цел беше да покаже дека неговата влада е повеќе ориентирана кон бизнисот.
Сепак, назначувањето на Вилдбергер изненади многумина, дури и оние кои очекуваа владата на Мерц да формира Министерство за дигитализација.
„Мислам дека сите беа изненадени“, изјави Софи-Милер. „Се јавив на неколку луѓе во мојата мрежа и ги прашав: Дали знаете кој е тој? Никој не го познаваше“.
Можеби дополнително изненадување беше посебното овластување дадено на министерството на Вилдбергер: правото да стави вето на трошоците на другите министерства кога станува збор за значајни ИТ инвестиции.
Во Германија, таквата контрола на трошоците обично е одговорност на Министерството за финансии – и тоа со ограничувања поради уставниот принцип дека секое министерство има автономија во своите работи.
„Оваа контрола на трошењето е моќен инструмент, но не може да каже: Мора да трошите на нешто друго. Тој има само право на вето, објасни Софи-Милер.
Таа се надева дека Вилдбергер, благодарение на своето деловно искуство, ќе го мери резултатот на министерствата повеќе според конкретни индикатори. Нејзината организација, „Initiative D21“, спроведува годишни истражувања за ставовите на граѓаните кон дигитализацијата и има сопствени предлози: „Ако сака да биде успешен, очекувам да видам раст во користењето на дигиталните јавни услуги“, рече таа. „Притоа, луѓето не треба само да велат: „Државата ми го олеснува животот“ со користење на ИТ-технологијата, туку треба да се развиваат и дигиталните вештини на германските граѓани“, рече Софи-Милер.
„Ако видам позитивен тренд во тие бројки, тогаш би рекла дека направил нешто како што треба“, истакна таа.
Ова сигурно би било значајно за Германија – земја каде што разговорите за дигиталните услуги честопати се сведуваат на шеги за факс машините.