Според германските медиуми, поранешната српска тенисерка Ана Ивановиќ (37) и нејзиниот сè уште законски сопруг, познатиот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер (40), поднеле официјални документи за бракоразводна постапка, објавува австрискиот „Кроне“.
Шпекулациите за можен крај на нивниот брак се шират повеќе од еден месец. Во тој период, јавноста дозна бројни детали од нивниот приватен живот – од фактот дека не живеат заедно, поделбата на имотот, до наводите за евентуално несогласување поради колешката на Бастијан, популарната водителка Естер Седлачек.
Според последните информации, Ана и Бастијан веќе се во процес на развод во Швајцарија, каде што нивните адвокати се обидуваат што побрзо да ја завршат законската постапка.
„Ивановиќ сака што поскоро да го остави зад себе периодот од својот живот во кој беше сопруга на Бастијан Швајнштајгер. Германските медиуми дознаваат дека адвокатите од двете страни во моментов подготвуваат итен развод, и дека најбрзиот можен начин е во Швајцарија. Освен многуте документи, сето ова значи и многу стрес и напнатост за поранешниот пар“, според австрискиот „Кроне“.
Ана Ивановиќ неодамна беше гостинка на гала во Париз, каде што покрај неа се собраа тениски ѕвезди како Гарбине Мугуруза и Роџер Федерер. Убавата белграѓанка зрачеше со позитивна енергија и елеганција, што, според изворите, е нејзин начин да ги тргне мислите од тешкиот период во животот низ кој минува моментално.