Ова е најпрестижниот, најскапиот и технолошки најнапредниот "Cadillac" – но речиси никој не го сака

Точка

16/05/2025

17:59

831

Големина на фонт

а а а

Најпрестижниот, најскапиот и технолошки најнапредниот "Cadillac" е рачно изработена луксузна лимузина полна со иновативни решенија. Притоа, автомобилот е поголем и од веќе импозантниот "Escalade", а со својата цена се доближува до луксузот на "Rolls-Royce". И покрај тоа – интересот е минимален.

Продажбата е далеку под очекувањата, па "Cadillac" планира оваа година да произведе само 25 примероци од моделот "Celestiq", дознава "Motor1". Како што стојат работите, сè уште има можност да се „влезе во возот“ и да се избере примерок од оваа прва серија.

Кога "Celestiq" беше претставен во 2022 година, од "Cadillac" најавуваа дека побарувачката ќе ја надмине производната способност. Очигледно тоа не се оствари – моменталното темпо на производство е под два примерока дневно.


Недостатокот на интерес за ова ексклузивно електрично возило го потврди и Тони Рома, главен инженер на "Cadillac" за специјални проекти, кој во емисијата „Jay Leno’s Garage“ изјави:

„Ова е производство во многу мали количини. Не откриваме точна бројка, но размислувајте во стотици, не илјадници.“


Оптимистичкиот план е да се произведуваат околу 250 примероци годишно. За споредба, вреди да се спомене дека "Bugatti Tourbillon", хибридниот хиперавтомобил со "V16" мотор, ќе се произведе во само 250 примероци. Слична е и ситуацијата со "Rimac Nevera", за која своевремено се тврдеше дека е целосно распродадена, но сè уште е далеку од предвидената бројка од 150 возила.

Купувачот на овој огромен електричен "Cadillac" мора да има длабок џеб, но сепак не толку длабок како купувачот на споменатата "Nevera". Основната цена започнува од 330.000 долари, а може значително да порасне во зависност од избраните опции и персонализации.


Се чини дека најбогатите клиенти не се премногу фасцинирани од електрични автомобили, барем не кога станува збор за ексклузивни модели. Во тие сфери, сè уште доминира бензинот – и музиката што произлегува од согорувањето во моторот.