Најновата јужнокорејска студија откри дека преголемиот број на работни часови и прекувремената работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација од физичко и емоционално преоптоварување.
Истражувањето на двајца научници од универзитетите Чунг-Анг и Јонсеи опфати 110 здравствени работници поделени во две групи.
Едната група вклучувала оние кои работеле најмалку 52 часа секоја недела, додека другата група вклучувала вработени кои работеле стандардно работно време, пренесе Си-ен-ен.
Кај луѓето кои работеле прекувремено, се појавиле значајни промени во регионите на мозокот кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што е последица на нивното преоптоварување и замор, заклучиле истражувачите.
Коавторот на студијата, професорот Јун Џул Чои, рече дека овие промени можат да се поправат, барем делумно, доколку се отстранат стресните фактори.
Сепак, тој додаде дека на мозокот му е потребно многу повеќе време за да се врати во првобитната состојба.
Претходната студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа остава негативни здравствени последици, пишува Си-ен-ен.
Френк Пега, кој го водел тоа истражување, истакна дека најновите резултати претставуваат значајни нови докази што би можеле да помогнат подобро да се разбере колку драстично прекувремената работа влијае врз физичкото здравје на вработените.
„Владите, работодавците и самите вработени можат заедно да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците“, рече Пега.
Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, која претставува причина за загриженост.
„Тоа е мала студија, но бидејќи се базира на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да се примени на сите, па затоа нејзините централни заклучоци се многу релевантни“, истакнаа научниците.