Костовски: Без план и без резултати, за една година се распаѓа владата на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

14/05/2025

13:23

123

Големина на фонт

а а а

Неполна година по формирањето на Владата, големата лагата наречена „Горда Македонија“ се распаѓа пред очите на граѓаните. Ова е логична последица на она што граѓаните го трпат и чуствуваат, целосна нефункционалност на пазарџиска Влада која работи само за лични интереси, вели Мартин Костовски, организационен секретар на СДСМ.

„Вчера на површина излезе вистината која ја говориме од првиот ден. ВМРО-ДПМНЕ е без план и концепт, нивната Влада работи само за свои лични интереси. Таа од прв ден функционира како машинерија за пазарење – кој ќе добие директорско место, кој ќе добие тендер, кој ќе вработи повеќе свои. Ветувањата од кампањата буквално како да никогаш не биле дадени“, додава Костовски.

Според него, излегувањето на Алијанса за Албанците е првото официјално признание на владините партнери дека оваа Влада не води никаде.

Признание, како што вели, дека ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН се коалиција од интерес.

„Таа е склопена од луѓе што не веруваат еден во друг, немаат заеднички планови и политики, туку само личен интерес.

Оваа Влада сама себе се јаде одвнатре, а граѓаните се тие кои трпат заради тоа. А додека тие се занимаваат само со функции и политички интереси, граѓаните преживуваат. Животот поскапува секој месец. Платите не мрдаат. Институциите се нефункционални. Нема ниту еден вистински проект, ниту една сериозна реформа. Економијата стагнира, младите се иселуваат, а Владата се гоштева на сметка на народот“.

Костовски оценува дека секој што останува дел од оваа коалиција, свесно ја продолжува штетата.

Останува, како што смета, за тендер.

„Останува за функција и одржување на Влада која докажа дека работи само за себе, не за граѓаните.

Македонија нема време за експерименти и лажна стабилност. Оваа Влада мора да си замине, затоа што не постои држава што може да се опорави додека на власт е група калкуланти и политиканти“.

СДСМ, додаде ќе продолжи да ја разобличува оваа власт, но уште поважно, ќе продолжи да се подготвува да ја врати одговорноста, визијата и редот во државата.