Макрон најавува можност за распоредување нуклеарно оружје во цела Европа

Макфакс

14/05/2025

16:58

669

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција е подготвена да разговара за можноста за распоредување на своето нуклеарно оружје во други европски земји под услов контролата врз ова оружје да остане исклучиво во рацете на францускиот претседател.

Во интервју за француската телевизиска станица „ТФ 1“, Макрон рече дека Соединетите Американски Држави веќе имаат распоредено нуклеарно оружје во неколку европски земји преку таканаречениот систем за споделување нуклеарно оружје на НАТО и дека Франција е подготвена за слична дискусија на европско ниво.

„Подготвени сме да ја отвориме оваа дискусија“, рече Макрон додавајќи дека секоја одлука за проширување на нуклеарното оружје на Франција во Европа би била условена од тоа правото на користење на ова оружје да остане исклучиво во рацете на францускиот претседател.


„Секогаш постоела европска димензија што ги зема предвид виталните интереси“, рече Макрон потсетувајќи на долгогодишниот став на Париз дека нуклеарниот арсенал на Франција служи за заштита не само на Франција туку и на пошироката европска безбедност.

Франција е единствената членка на Европската Унија што поседува нуклеарно оружје откако Обединетото Кралство ја напушти Унијата. Париз традиционално се дистанцира од американскиот систем за споделување нуклеарно оружје во рамките на НАТО, кој ги чува американските нуклеарни бомби во Германија, Белгија, Холандија, Италија и во Турција, но под строг надзор на САД.

Повикот на Макрон за дебатата доаѓа во време на зголемени безбедносни тензии во Европа, првенствено поради руската инвазија на Украина и агресивниот став на Москва кон НАТО. Неодамна меѓу европските земји се зголемува дискусијата за зајакнување на нивните одбранбени капацитети и намалување на нивната зависност од САД.


Макрон со години ја промовира идејата за стратешка автономија за Европа, односно создавање европски одбранбени и безбедносни капацитети независни од Вашингтон. Неговата нова изјава за можноста за пошироко распоредување француско нуклеарно оружје во Европа може да се гледа во овој контекст иако не е јасно дали во моментот има конкретни барања или планови за такво распоредување.

Кремљ го критикува Макрон за изјавата за нуклеарното оружје во Европа

Кремљ ги критикува коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, дека Париз е отворен за распоредување воени авиони со нуклеарно оружје во други европски земји велејќи дека тоа нема да ја зголеми безбедноста на континентот.

„Американците имаат бомби во авионите во Белгија, Германија, Италија, Турција“, изјави Макрон за француската телевизиска станица „ТФ 1“. „Подготвени сме да ја отвориме оваа дискусија. Ќе ја дефинирам рамката на многу специфичен начин во наредните недели и месеци“, рече тој.


Кога беше прашан за коментарите на Макрон, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „пролиферацијата на нуклеарно оружје на европскиот континент не е нешто што ќе додаде безбедност, предвидливост и стабилност“.

„Во моментот целиот систем на стратешка стабилност и безбедност е во жална состојба од очигледни причини“, рече Песков.