Земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала денес ја погоди кревката област Флегрански полиња во близина на Неапол, предизвикувајќи немири кај жителите кои излегоа на улиците, додека локалниот железнички сообраќај беше во прекин, а училиштата евакуирани.
Како што наведува агенцијата „Анса“, ова е последниот од долгата серија земјотреси во таа област. Покрај училиштата, затворена е и локалната филијала на Универзитетот во Неапол. Земјотресот бил почувствуван и во самиот Неапол, каде исто така биле евакуирани училиштата.
Најсилниот земјотрес го следеле седум послаби, јавува „Анса“. Министерот за цивилна заштита Нело Мусумечи свикал средба со надлежните служби за да се утврди какви мерки ќе бидат преземени по земјотресот.
Локалните жители велат дека прво се слушнало многу силен татнеж, а потоа се чинело како земјата да експлодира.
На подрачјето на Флегранските полиња тлото се подигнало, а во текот на минатата година беа регистрирани голем број земјотреси. Локалните жители ги повикале властите да воведат зголемени безбедносни мерки за да ги заштитат од сè почестите земјотреси.
Министерот Мусумечи назначи специјален комесар за областа Флегрански полиња, кој ќе преземе мерки за спречување на ризиците, пренесе „Анса“.
Се стравува од ерупција на супервулканот
Мусумечи изјавил дека урбаниот развој во оваа вулканска област трае со децении, што не требало да се случи.
Супервулканот познат како Кампи Флегреи се наоѓа во близина на Неапол. Претставува голема вулканска област која се состои од многу кратери и калдери, од кои некои се полни со вода и формираат езера.
Кампи Флегреи е еден од најопасните вулкани во светот, поради неговата големина, сложеност и близината до густо населена област.
Тие се дефинирани како супервулкани бидејќи имаат потенцијал да произведат ерупција со магнитуда од осум степени, способна да ослободи повеќе од 800 кубни километри материјал.