Чаби Алонсо го извести Баер Леверкузен дека си заминува по крајот на сезоната и повеќе од извесно е дека ќе го преземе Реал Мадрид, но пред неговото официјално назначување во „кралскиот клуб“, медиумите веќе пишуваат за неколку пропаднати операции со кои планираше да си ја олесни работата на „Сантијаго Бернабеу“.
Се уште актуелниот тренер на „фармацевтите“ има џентлменски договор со Флорентино Перез и очекувањата се да го преземе тимот уште на 1-ви јуни, но иако ќе има доста време за да работи и анализира, Чаби веќе доби серија удари од фудбалери кои сакаше да ги понесе со себе во шпанската престолнина.
Алонсо веќе беше информиран од Флоријан Вирц и Мартин Зубименди дека нема да му се приклучат во Реал, но како што јавува угледниот „АС“, Чаби сега нема да може да го доведе ниту својот омилен дефанзивец од Баер Леверкузен.
Баерн Минхен по се изгледа се покажува како неочекувано тежок ривал на Чаби пред да стане тренер на Реал, бидејќи покрај тоа што го има договорено Вирц, веќе е во напредни преговори и за ангажман на Џонатан Та кој е слободен агент.
Доброинформираниот „АС“ тврди дека Баерн сега е главен фаворит и во пол-позиција за потпис на искусниот стопер, па Чаби во краток временски интервал останува и без третиот играч кој го имаше замислено како идеален за новиот Реал.