Партијата Левица оваа недела ќе поднесе предлог-закон за формирање инспекторат за употреба на грбот, знамето и химната на државата, како и знамињата на заедниците во земјава. Бараат да се формира инспекторат оти секојдневно сме сведоци на непочитување на државните симболи, особено за време на јавни прослави, спортски манифестации па дури и официјални церемонии. Симболите, Левица вели дека неправилно и дури навредливо се употребуваат или пак ги нема онаму каде што Законот пропишува дека треба да ги има. Решение гледаат во формирање инспекторат чии инспектори ќе можат да влезат и во канцелариите во кои ги има сите други знамиња од светот освен македонското.
„ МВР генерално реагира на сквернавење на државните симболи, но дали МВР влегува во канцелариите на градоначалниците каде што нема македонско знаме? Дали МВР влегува во канцеларии каде што имаме американско, француско, германско, сите знамиња на светот само не македонско знаме. Дали МВР реагира во тој случај? Не. Затоа треба инспекторат кој е ја следи доследната примена на оваа материја и затоа сметаме дека со ова само ќе се дополни и ќе го пополни правниот вакуум кој веќе постои“, вели пратеникот Амар Мециновиќ.
Формирањето на инспекторат за државните симболи, Мециновиќ смета дека е само пополнување на досегашниот правен вакуум.
„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но овој Закон нема орган кој го спроведува. Исто така постои Закон за знамињата на заедниците, и тој Закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично имаме мртво слово на хартија. Овој закон има за цел да го исполни тој правен вакуум. Со него се превидува формирање инспекторат во рамките на Министерството за правда со јасно дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки. Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор и над институции и над правни и физички лица, а ќе постои и можност граѓаните да поднесуваат инцијативи до него“, рече пратеникот Мециновиќ.
Предлог-законот за формирање инспекторат што ќе поднесат во Собранието од Левица сметаат дека е суштински бидејќи конечно дава механизам за спроведување на веќе постојните Закони и законска материја оти сега имаме законска материја за која нема инспекторат кој ќе го следи нејзиното имплементирање и ќе казнува.
Очекуваат широка поддршка од парламентарните групи затоа што не се работи за политики калкулации туку се работи за пополнување на вакуум и враќање на достоинството на државните симболи по долго време нивно непочитување.
„Симболите на една држава не се декоративни елементи, тие израз на суверенитетот, идентитетот и колективната меморија на граѓаните кои заедно ја чувствуваат. Овој закон треба да ја зацврсти правната сигурност и еднаквост на сите граѓани пред правниот поредок“, рече Мециновиќ.
Сегашното непочитување на државните симболи партијата Левица смета дека го нарушува достоинството на државата и граѓаните.