Масовни апсења на деца низ Европа, планирале терористички напади врз концертни сали и верски објекти

Макфакс

12/05/2025

11:19

2.135

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција, колку и да е корисна, е сè повеќе фактор во радикализацијата на младите луѓе, што го покажуваат случаите на тинејџери кои планирале терористички напади во Европа во последните години.

Американскиот „Волстрит џурнал“ пишува дека во изминатите неколку месеци, неколку десетици млади луѓе, некои на возраст од само 14 години, се уапсени низ цела Европа под обвинение дека планирале напади врз концертни сали, трговски центри и верски објекти поради идеолошка радикализација.

Една од најалармантните области е Белгија. Имено, една третина од сите случаи на тероризам во Белгија помеѓу 2022 и 2024 година вклучувале малолетници. Во Велика Британија, речиси еден од пет осомничени за тероризам бил дете.

„Она што е ново е бројот на млади луѓе кои се директно вклучени во планирањето насилни напади, вклучително и многу млади лица“, изјави за „Волстрит џурнал“ Томас Ренард, директор на Меѓународниот центар за борба против тероризмот во Хаг.

Речиси сите млади луѓе се радикализирани преку интернет, а интернетот се покажа и како поефикасен во забрзувањето на процесот на радикализација.

Според Глобалниот индекс на тероризам, просечното време за радикализација во 2002 година било 16 месеци, но до 2015 година тоа време се намалило за 40 проценти, на само неколку недели денес.

Пример за типичен екстремист од генерацијата Z е млад човек кој моментално е на судење во Белгија. Абдул Керим Гадаев, 19-годишен чеченски бегалец, се радикализирал откако неговиот татко бил депортиран од Франција во Русија.

По депортацијата, тој почнал да се чувствува отуѓен во училиште. Тој напишал онлајн дека сака да го повтори „Батаклан“, терористичкиот напад од 2015 година во кој загинаа 90 лица.

Тој пронашол групи врсници онлајн кои биле заинтересирани за спорт и религија, особено на TikTok, каде што неговите кругови станувале сè повеќе политички.

Во февруари минатата година, тој се приклучил на оперативен канал на апликацијата Signal каде што членовите почнале да планираат напад, според обвинителите.

Тие разговарале како да набават оружје и споделиле фотографии од целта – концертна сала во центарот на Брисел. Гадаев рекол дека е спремен да учествува, под услов нападот да е добро подготвен.

Во март 2024 година, белгиската федерална полиција го уапси Гадаев и уште тројца малолетници.

„Веќе некое време велиме дека сложеноста на нашите истраги е поголема од кога било досега, а ширината и длабочината на она со што се соочуваме се извонредни“, изјави Вики Еванс, главен координатор на британската антитерористичка полиција, и ги повика технолошките компании да помогнат во решавањето на проблемот.

Имено, алгоритмите на социјалните медиуми имаат моќна привлечност кај младите луѓе, сугерирајќи сè понасилна содржина и создавајќи дигитални „дупки без дно“.

Вештачката интелигенција дополнително го влоши овој проблем, изјави Џулија Ебнер, експерт за онлајн радикализација на Институтот за стратешки дијалог и Универзитетот во Оксфорд.

„Видеата и сликите генерирани од вештачката интелигенција допираат до многу длабоки емоции. Вештачката интелигенција и алгоритмите во голема мера ја вршат работата на харизматичен регрутер, само сто пати поефикасно“, предупреди Ебнер.

Многу случаи не стигнуваат до јавноста, но оние што стигнуваат вклучуваат 14-годишно црногорско девојче кое беше уапсено во Австрија во мај минатата година под обвинение за планирање напад врз „неверници“.

Секира, нож и пропагандни материјали на Исламската држава беа пронајдени во нејзиниот дом.

Во февруари истата година, момче на нејзина возраст беше уапсено за планирање напад на железничка станица.

Сепак, најпознатиот случај е случајот со тројца тинејџери кои планираа да нападнат три концерти на Тејлор Свифт во Виена минатата година.