Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Министерот во својот говор се осврна на владината суперапликација, која како што рече, треба да биде клучен проект кој ќе ги донесе услугите до граѓанитe.
„Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и лансираме до крајот на оваа година”, изјави министерот.
Тој во продолжение од својот говор објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
„Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?” – додаде Андоновски.
„Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука – во Македонија“, заклучи министерот.