Ханси Флик стана само вториот тренер во историјата кој успеал да забележи четири победи на првите четири „Ел Класико“ натпревари против Реал, учинок кој Германецот го поправи на вчерашниот дуел против ривалот од шпанската престолнина.
По победата во првиот дел од сезоната во Ла Лига и оние во Суперкупот и Копа дел Реј, четата на Ханси беше подобра и на „мечот за титулата“ кои се одигра на „Монжуик“, натпревар кој послужи како фудбалски празник за неутралните фанови, но и оние на домашниот тим.
Победата од 4:3 значи дека Барселона ја делат само два бода од математичко обезбедување на трофејот, нешто што може да се случи веќе во следното коло во кое каталонците играат градско дерби против Еспањол.
Флик е свесен дека неговиот тим со новата победа е на прагот од големо достигнување, но запрашан за се она што се случуваше на теренот, Ханси не пропушти да го нагласи и негативниот елемент од играта на неговиот тим.
– Убаво е кога ќе дадете четири голови за пресврт, но не е баш пријатно кога ќе примите три голови. Јасно е, мора многу да работиме и да се поправиме во играта во одбрана. Кога вршиме пресинг сме многу добри, но кога ја правиме првата грешка, работите ни се комплицираат во одбрана, најдобар доказ за тоа е првиот гол кој го примивме. Тимот носи многу добри колективни одлуки, а во ситуација кога играме натпревар на секои три дена, не е лесно да се коригира играта во одбрана.
– Кога дојдов во Барселона, знаев дека мора да победувам, ова е клуб кој е навикнат да победува. Блиску сме до трета титула, но ова патување не завршува тука. Мора да се подобриме во одбрана за следната сезона, мора да бидеме многу постабилни и да имаме подобар баланс во играта во одбрана.
– Дали се сметаме за шампиони? Сè уште не сме шампиони, но знаеме дека сме блиску до третата титула. Доволна ни е само една победа на последните три меча, но треба да го одработиме тоа. Ова е фудбал и се наоѓаме во идеална позиција, но никогаш не треба да земате некои работи однапред, – изјави Флик.