Кој е Ларс Клингбајл – новиот вицеканцелар на Германија?

Точка

07/05/2025

20:26

2.126

Големина на фонт

а а а

Министер за финансии, вицеканцелар, коалициски преговарач за СПД: речиси нечујно, Ларс Клингбејл за кратко време стана лидер на германските социјалдемократи, пишува Дојче Веле.

Еден поранешен индустриски погон во Берлин. Ларс Клингбајл, партискиот лидер на социјалдемократите, стоел пред околу 500 гости и новинари. Сите тие сакале да присуствуваат на потпишувањето на коалицискиот договор со сестринските христијанско-демократски партии од конзервативниот спектар, ЦДУ и ЦСУ. Клингбајл им се обрати на присутните со неколку зборови: „Оваа влада мора да биде успешна. Таа мора да успее во својата работа со помош на тимска работа, храброст во донесувањето одлуки и поголема доверба кај граѓаните.“ Тој додаде дека довербата не се создава само преку дела, туку и преку најави. И тоа беше она што Клингбајл имаше да каже.


Клингбaјловиот печат во изборот на членовите на кабинетот

Претходно, Клингбајл ги објави имињата на новите членови на кабинетот од редовите на СПД. Најчудното нешто во врска со списокот на нови министри од СПД кои ја презедоа функцијата е тоа кој не се најде на него. На пример, ја нема Свења Шулца, долгогодишна министерка, прво за животна средина, а потоа за развој, а исто така и долгогодишниот министер за труд Хубертус Хејл.

Од стариот социјалдемократски состав – само Борис Писториус

Само Борис Писториус, министерот за одбрана, ќе остане на својата позиција во новиот кабинет. Останатите шест министри се нови на своите функции. Значи, вака изгледа еден нов кадровски почеток. И овој нов почеток го осмислил Ларс Клингбајл. Тој е еден од двајцата мажи на чело на СПД. Самиот Клингбајл ќе биде вицеканцелар и веројатно многу влијателниот федерален министер за финансии. Неговата колешка на чело на најстарата демократска партија во Германија, Саскија Ескен, не презема никаква позиција во новиот кабинет.


Пресвртна точка во Њујорк

Новиот, силен човек на германската социјалдемократија има 47 години, и доаѓа од покраината Долна Сакдонија, како и многу водечки политичари од оваа партија во текот на последните децении. На прв поглед, неговата биографија укажува на типична социјалдемократска кариера: неговиот татко бил професионален војник во Бундесверот, а неговата мајка се занимавала со трговија.


Семејството живее во Минстер, каде што се наоѓа една од најголемите локации на Бундесверот во Германија. Клингбајл го завршил средното образование и цивилната воена служба во Хановер. Во овој период, тој ги остварил своите први важни политички контакти. Од 2001 до 2003 година, тој работел, меѓу другото, во канцеларијата на изборниот округ на тогашниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер, кој тогаш беше на власт заедно со Зелените.

Во тоа време, спаѓа и пресвртницата во животот на младиот Клингбајл. Имено за време на терористичките напади на 11 септември 2001 година, тој бил во Њујорк и неговиот критички став кон Бундесверот се променил. Оттогаш, тој се залага за зголемување на трошоците за војската, како и многу други политичари од десното крило на СПД, пишува Дојче Веле.

Стабилна партиска кариера сè до врвот

Исто така и неговиот образовен пат е сличен на оној на многу други социјалдемократи: во 2004 година дипломирал на Факултетот за политички науки во Хановер, и исто така добил стипендија од Фондацијата „Фридрих Еберт“, која е блиска до социјалдемократијата. Веќе во 2005 година, на 27-годишна возраст, тој стана член на Бундестагот наместо колегата кој се пензионирал од функцијата поради скандалот околу неговите приходи. Меѓутоа, во новиот состав на Бундестагот истата година, Клингбајл не успеал да освои мандат.


Но, во 2009 година успеал да го стори тоа и оттогаш е постојан член на парламентот, станувајќи генерален секретар на СПД и конечно во декември 2021 година – покрај Саскије Ескен – шеф на германските социјалдемократи.

На оваа позиција, тој ги држи конците во свои раце како и за изборната кампања за предвремените парламентарни избори во февруари 2025 година, кои завршија со историски најлош резултат од 16,4 проценти за СПД. Партијата го зазеде само третото место зад Унијата ЦДУ/ЦСУ и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) – иако во тој момент тогашниот канцелар, Олаф Шолц, беше од редовите на социјалдемократите.

Изненадувачки мирни коалициски преговори

Сепак, Клингбајл успеал во намерата изборна катастрофа да не му се припише нему. Тој брзо создал однос на доверба со победникот на изборите, христијанскиот демократ Фридрих Мерц, и во голема мера во тишина преговарал за коалицискиот договор, па сега започнува втора политичка кариера во новата федерална влада.


Инаку овој политичар висок 1,96 цм не зборувал јавно за тешката болест низ која поминал. Имено пред повеќе од десет години, тој страдал од рак на јазикот, но во меѓувреме успешно го надминал, а тоа го откри дури неодамна. Инаку тој се оженил во 2019 година и е татко на речиси едногодишен син. Меѓутоа интересно е тоа што како млад настапувал со рок-групата „Sleeping Silence“ и сакал да носи пирсинг на веѓите.

Многу работа за новата влада

За бучното време во бендот „Sleeping Silence“ сведочат и гитарите што можат да се видат во неговата канцеларија. Меѓутоа Ларс Клингбајл ниту во иднина нема да води тивок живот. Меѓу другото, негова задача ќе биде да презентира идеи за користење на итно усвоениот пакет од 500 милијарди евра за посебни намени. Бидејќи сите сакаат да профитираат од тие пари: покраините, градовите и германските железници, училиштата, градинките и така натаму.


По години постојани расправии меѓу владејачките партнери СПД, Зелените и либералите од ФДП – кои заедно ја формираа таканаречената семафор коалиција – Клингбајл сега мора да демонстрира единство и хармонија во соработката со конзервативецот Мерц. Притоа мирната природа на неговиот карактер може да му биде од голема помош во ова.