Пет лица се спасени откако поминале 36 часа во урнатини на авион во мочуриште полно со алигатори во Амазонија, по присилно слетување, соопштија локалните власти.
Малиот авион бил пронајден од локални рибари во боливискиот регион Амазонас на 2 мај, по 48-часовна потрага.
Преживеаните – три жени, едно дете и 29-годишен пилот – се спасени и се во добра здравствена состојба, изјави Вилсон Авила, директор на Центарот за итни операции во департманот Бени.
Мисијата за потрага и спасување започнала на 1 мај, кога авионот исчезнал од радарот над департманот Бени, во централна Боливија.
Пилотот за локалните медиуми изјавил дека бил принуден да слета поради дефект на моторот.
Успеал да пронајде место за слетување во близина на реката Итаномас, додека летал од градот Баурес на северот од Боливија кон градот Тринидад.
Авионот ненадејно почнал да губи висина, и биле принудени да слетаат во мочуриште близу една лагуна, објасни Андрес Веларде.
Петтемина патници стоеле на врвот на авионот, опкружени со алигатори кои им се приближиле на само три метри.
Веларде додаде дека верува оти истекувањето на горивото од авионот ги држело предаторите на растојание.
„Видовме и анаконда во водата“, додаде тој.
Додека чекале спасување, јаделе брашно од касава кое еден од патниците го понел со себе.
„Не можевме да пиеме вода, ниту да се движиме поради алигаторите“, рече Веларде.
Кога рибарите ја откриле леталото, бил испратен хеликоптер кој ги пренел преживеаните во болница.