Лос Анџелес Клиперс го совлада Денвер Нагетс со 111:105 и со избори седми меч или поточно „мајсторка“ во Колорадо која ќе го одлучи патникот во втората плејоф рунда на Западот односно противникот на Оклахома Сити Тандер која одамна чека со оглед на тоа што експресно си ја заврши својата задача во соочувањето со Мемфис Гризлис.
Клубот од Калифорнија ја доби оваа битка која за нив беше „да се биде или не“, поточно се освен триумф значеше крај на сезоната. Клучната предност избраниците на Лу ја направија во третиот период кој го добија со 32:22, обезбедија двоцифрена предност за завршните 12 минути што се покажа како доволно да се добие соочувањето со поранешниот НБА шампион.
Ленард запиша дабл-дабл од 27 поени и 10 скока, Харден уфрли 28 поени со 6 скока и 8 асистенции, а на ниво беше и Пауел со 24 кошеви. Јокиќ на другата страна реализираше 25 поени, но само пет од нив беа во второто полувреме.
Њујорк Никс пак ја доби драмата со Детроит Пистонс и со вкупни 4-2 ја затвори оваа серија. Никси славеа на гостински терен со 116:113, јунак беше плејмејкерот Брансон со 40 поени и 7 асистенции. Воедно Брансон беше автор на клучната тројка во последните секунди и со тоа го одведе својот тим на соочување со првакот Бостон Селтикс.
Канингем со 23 поени и Дурен со 21 кош се истакнаа кај поразените.