Бизарните стравови на Алфред Хичкок: Нештата од кои се плашел човекот кој ги сними најстрашните филмови

Точка

30/04/2025

22:26

692

Големина на фонт

а а а

За време на својот живот, легендарниот Алфред Хичкок се здоби со статус на култен режисер на хорор филмови, кој најдобро знае што ги плаши и вознемири луѓето. Но, другата страна на паричката гласи вака – има две работи од кои Хичкок се плашел повеќе од сѐ.

Ако некогаш сте се запрашале дали има нешто што го исплашило човекот кој ги сними некои од најстрашните хорор филмови во историјата на кинематографијата, одговорот е – да! Алфред Хичкок уште од најраното детство се плашел од полиција и од јајца, пишува „Историски забавник“.

Во текот на животот, познатиот режисер развил и некои други стравови, но овие две фобии го следеле уште од неговото најрано детство.


За првиот, стравот од полицијата, Хичкок имал рационално објаснување. Имено, кога бил многу мал, Хичкок направил некоја беља. Наместо да го искара или казни, татко му го испратил во полициска станица, заедно со лист на кој било запишано нешто. Кога началникот ја прочитал пораката што ја донел малиот Алфред, го затворил во ќелија со предупредување: „Тоа се случува со лошите момчиња“.

Оваа епизода била толку врежана во сеќавањето на славниот режисер, што стравот од полицијата го следел во текот на целиот негов живот.


„Мојата сопруга знае дека само се повлекувам кога ќе видам полицаец на улица. Не можам да кажам ништо“, рече еднаш познатиот режисер.

Веројатно, ова е една од причините што во филмовите на Хичкок полицајците често умираат со крвава и насилна смрт.

Втората фобија му е многу побизарна – се плашел од јајца.

„Јајцата се грозна работа. Дали некогаш сте виделе нешто погадно од кршење на лушпата од јајце и истурање на неговата жолта течност? Крвта е весела и црвена, а жолчката е жолта и гадна. Никогаш не сум ја вкусил“, изјавил Хичкок.


Подоцна во животот, според сопственото признание, Хичкок развил страв и од мали деца, но и страв поврзан со неговата професија – дека неговиот следен филм нема да биде толку добар како претходниот.