Двејн „The Rock“ Џонсон ги изненади обожавателите со неверојатната физичка трансформација во првиот трејлер за филмот „The Smashing Machine“.
Станува збор за биографска спортска драма што го следи животот на познатиот ММА борец и двократен УФЦ шампион во тешка категорија, Марк Кер. Филмот, продуциран од продуцентската куќа А24, веќе привлекува голем интерес кај публиката, како поради ангажманот на Џонсон, така и поради фактот што овој проект го означува и соло режисерското деби на Бени Сафди.
Бени досега соработувал со својот брат Џош Сафди, со кого направил признати филмови како што се „Uncut Gems“ и „Good Time“.
Покрај Џонсон, во филмот глумат и Емили Блант како сопругата на Кер, Дон Стејплс, Бас Рутен, Линдзи Гевин и познатиот украински боксер Олександар Усик.
Инаку ова е втора соработка Џонсон и Блант откако претходно соработувале во авантуристичкиот филм на Дизни од 2021 година „Jungle Cruise“, а во блиска иднина ги очекува и соработката со Леонардо Дикаприо и Мартин Скорсезе на криминалистички трилер сместен на Хаваите.
Кој е Марк Кер?
Марк Кер беше еден од најдоминантните борци на своето време, со импресивна кариера која траела од 1997 до 2009 година со дури четири светски титули на турнирот „ADCC“. Неговиот бурен личен живот, обележан со борба со зависноста и комплицираните односи со тренерите и девојката, веќе бил прикажан во документарецот на „HBO“ од 2002 година, кој го носи истиот наслов како и претстојниот филм.
Во интервју за „Варајети“, Џонсон истакнал дека бил привлечен од соработката со Бени Сафди токму поради желбата на режисерот да истражува реални приказни и автентични ликови кои истовремено ги интригираат и вознемируваат гледачите.
„Сакам да правам филмови што имаат тежина, што ја истражуваат човечноста, борбата и болката“, изјавил Џонсон.
Сценариото за филмот го потпишуваат Сафди и самиот Марк Кер, додека продуценти, покрај Џонсон и Сафди, се и Дени Гарсија, Ели Буш, Хирам Гарсија и Дејвид Коплан. Извршна продуцентка е Трејси Ландон.
Филмот „The Smashing Machine“ ќе се појави во кината на 3 октомври оваа година.