Во период од неполни 24 часа, Реал Мадрид остана без тројца дефанзивци до крајот на актуелната натпреварувачка сезона, а тоа е само уште една потврда за малерозната кампања која ја имаа „кралевите“ кога се во прашање повреди на важни играчи од првиот тим.
Реал вчера во првата фаза од денот информираше дека Антонио Ридигер направил операција на коленото кое му правело проблеми со месеци и дека ќе паузира неколку недели, во продолжение соопшти дека тешка повреда заработил и Ферлан Менди, а непосредно пред полноќ, излезе со соопштение и за Давид Алаба.
Во случајот со Французинот Менди, левиот бек заработил кинење на тетивата на десниот квадрицепс и тој ќе паузира најмалку два месеци, додека Алаба има нова повреда на коленото, овојпат на менискусот.
Повредата на Менди е најтешка и тој со сигурност го пропушта и Светското клупско првенство кое се игра ова лето, додека Ридигер и Алаба ќе бидат во трка со времето за настап на новоформираното натпреварување на ФИФА.
Трите нови отсуства во одбрната се надоврзуваат на тешките повреди кои ги имаат Карвахал и Милитао, па Анчелоти останува со исклучително малку опции во дефанзивата пред последниот месец во сезоната.