Тројцата кинески астронаути од мисијата „Шенжоу-19“ безбедно се вратија на Земјата откако поминале шест месеци на кинеската вселенска станица Тјангонг, пренесе Анадолу.
Каи Сјуже, Сонг Лингдонг и Ванг Хаозе слетале на локацијата Донгфенг во северниот автономен регион Внатрешна Монголија, според извештајот на Синхуа.
Инаку нивното враќање беше одложено за еден ден поради лошите временски услови.
Триото, локално познато како таиконаути, беше лансирано во октомври, а за време на престојот на кинеската домашно изработена орбитална станица, тие извршиле разни научни експерименти и работи за одржување на станицата.
Нивната мисија заврши откако екипажот на мисијата „Шенжоу-20“ успешно ја презеде контролата врз станицата минатата недела. Новиот тим, составен од командантот Чен Донг и астронаутите Чен Жонгруи и Ванг Џие, беше лансиран минатиот четврток од сателитскиот центар Џиукван во северозападна Кина и ќе поминат шест месеци на вселенската станица.