Инстаграм ќе користи вештачка интелигенција за да открие дали корисниците лажат за својата возраст: Децата повеќе нема да можат да ја измамат мрежата

Точка

28/04/2025

10:40

293

Големина на фонт

а а а

Социјалната мрежа Инстаграм започнува со тестирање на употребата на вештачка интелигенција (ВИ) за утврдување дали децата даваат лажни податоци за својата возраст на апликацијата, соопшти денес матичната компанија Мета Платформс.

Од компанијата информираат дека веќе извесен период користат вештачка интелигенција за проценка на возраста на корисниците, но дека апликацијата за споделување фотографии и видеа сега „проактивно“ ќе идентификува сметки за кои постои сомнеж дека припаѓаат на тинејџери, дури и ако при регистрација е внесен неточен датум на раѓање, пренесе АП.

Како што е најавено, доколку се утврди дека некој корисник навел погрешна возраст, неговата сметка автоматски ќе се класифицира како тинејџерска, што подразбира повеќе ограничувања од сметките за возрасни. Тинејџерските профили се приватни по дифолт, а директните пораки се ограничени така што младите може да добиваат пораки само од лица кои ги следат или со кои веќе се поврзани.


„Мета“ додава дека „чувствителна содржина“, како видеа со насилство или содржини што промовираат естетски процедури, ќе биде ограничена.

Тинејџерите ќе добиваат известувања доколку користат Инстаграм повеќе од 60 минути во еден ден, а ќе биде воведен и „режим на спиење“ кој автоматски ќе ги исклучува известувањата и ќе испраќа автоматски одговори на пораки од 22:00 до 07:00 часот.

Компанијата објасни дека нејзината вештачка интелигенција е обучена да идентификува сигнали како типот на содржина со која корисникот интеракцира, информации од профилот и времето на креирање на сметката, со цел попрецизно да ја утврди возраста на сопственикот.


Овие заострени мерки се воведуваат во период кога платформите за социјални медиуми се под зголемен надзор поради загриженоста за нивното влијание врз менталното здравје на младите корисници, а сè повеќе држави преземаат иницијативи за донесување закони кои бараат проверка на возраста.

Инстаграм, исто така, ќе испраќа известувања до родителите со информации и совети за тоа како да разговараат со своите деца за важноста од искрено наведување на возраста на интернет, соопшти компанијата.