"Porsche" ја претстави лимитираната серија од само 1.500 примероци на моделот "911 Spirit 70", кабриолет што го оживува духот на 1970-тите и раните 1980-ти. Оваа специјална едиција, презентирана на саемот за автомобили во Шангај, претставува трет модел од стратегијата "Heritage Design" на "Porsche".
Најновата едиција "911 Spirit 70" доаѓа во ексклузивна маслинесто-зелена боја „Olive Neo“, со контрастни бронзени детали, историски инспирирани графички елементи и ретро дезен во ентериерот.
Хибриден перформанс
Моделот се базира на актуелниот "911 Carrera GTS Cabriolet" со хибриден погон кој комбинира новоразвиен 3.6-литарски боксер мотор, "eTurbo" и електричен мотор интегриран во новата "PDK" трансмисија. Возилото располага со 541 коњски сили и 610 Nm вртежен момент.
Посебноста на овој модел се огледа во внимателно избраните детали, како што се црните украсни ленти на хаубата што потсетуваат на безбедносни налепници од 1970-тите, грбот на "Porsche" кој е речиси идентичен со историскиот грб од 1963 година, и ентериерот со дезен "Pasha", што асоцира на разиграно карирано знаме.
Покрај автомобилот, "Porsche" има создадено и ексклузивен хронограф и специјална "lifestyle" колекција. Овој колекционерски модел може да се нарача веднаш, а во европските салони се очекува веќе во текот на мај.
Апликација за патување низ времето
За љубителите на виртуелни искуства, "Porsche" претставува и иновативна апликација за "Apple Vision Pro", која им овозможува на корисниците возбудливо патување низ 70-тите години и интерактивно, чекор по чекор, да го дизајнираат својот автомобил од соништата со детален увид во стиловите на дизајн од тоа време.