Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари средба со директорот за континентална Европа во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј, и со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Француската Република, Рене Троказ.
На средбата, Муцунски се заблагодари за понудената помош од страна на Франција по пожарот во Кочани, како и за поддршката од Европската Унија, нагласувајќи дека тие претставуваат уште една потврда за европската солидарност која го зајакнува нашето чувство на припадност кон Унијата.
Во рамки на разговорот беше направен осврт на билатералните односи, при што се разговараше за идните чекори за унапредување на соработката. Беше изразена заедничка согласност дека во претстојниот период е потребно интензивирање на контактите и активностите помеѓу двете земји, со посебен акцент на економската соработка.
Муцунски ја поздрави силната и активна поддршка од Франција за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија, како и за улогата на Франција и другите европски земји во напорите за зајакнување на кредибилитетот на Унијата во нашата земја и регионот. Потенцираше дека секој чекор напред на земјите од Западен Балкан ја зголемува довербата на јавноста во европската перспектива.
На средбата беше потенцирана и континуираната поддршка за евроинтеграциските процеси на државата, за што сведочи и ангажманот на тројца експерти во македонските институции кои работат на теми поврзани со интеграцијата, како и поддршката на проекти во кои се вклучени млади од земјата и регионот, насочени кон градење меѓусебна доверба и толеранција.