Крвавиот напад во вторникот во Пахалгам, каде што беа убиени најмалку 26 туристи во престрелка, претставува најсмртоносен милитантен напад во Кашмир од 2019 година.
Жртвите не биле војници или државни службеници, туку цивили на одмор во една од најживописните долини во Индија. Овој напад не е само брутален, туку и симболичен – тој претставува намерен удар не само врз човечки животи, туку и врз кревкото чувство на нормалност кое индиската држава со години се обидува да го претстави во спорниот регион.
Имајќи ја предвид комплицираната историја на Кашмир – регион за кој и Индија и Пакистан тврдат суверенитет, а е под нивна делумна контрола – експертите предвидуваат дека индискиот одговор ќе биде обликуван и од претходни искуства и од тековниот јавен и политички притисок, пренесува Би-Би-Си.
Како прв чекор, Делхи реагираше брзо: го затвори главниот граничен премин, го суспендираше договорот за споделување вода и протера неколку дипломати.
Уште поважно, министерот за одбрана Рајнат Синг најави „силен одговор“, ветувајќи акција не само против непосредните напаѓачи, туку и против организаторите кои дејствуваат на индиска територија.
Според аналитичарите, прашањето не е дали ќе има воен одговор, туку кога, како и по која цена.
„Најверојатно ќе следи силен одговор – оној што ќе покаже решителност и кон домашната јавност и кон актерите во Пакистан. Од 2016 година, а особено по 2019 година, прагот за одмазда е поставен на прекугранични или воздушни напади“, изјави воениот историчар Сринат Рагаван.
„Ќе биде тешко за владата да дејствува под тој праг. Пакистан веројатно ќе одговори, како што тоа го направи и во минатото. Ризикот, како и секогаш, е погрешна проценка – од двете страни“, додава тој.
Рагаван потсетува на двата претходни индиски одговори: во 2016, по нападот во Ури каде што загинаа 19 индиски војници, Индија спроведе т.н. „хируршки напади“ преку линијата на контрола (LoC). Во 2019, по самоубиствениот напад во Пулвама во кој загинаа 40 паравоени припадници, Индија изврши воздушни напади во Балакот, длабоко во територијата на Пакистан – прв ваков удар од 1971 година.
Пакистан одговори со сопствени воздушни напади, што доведе до воздушни борби и кратко задржување на индиски пилот. Двете страни демонстрираа сила, но избегнаа целосна војна.
Во 2021 година беше договорен прекин на огнот долж LoC, кој, иако со повремени инциденти, претежно остана на сила.
Мајкл Кугелман, аналитичар за надворешна политика, смета дека големиот број жртви и фактот што цел на нападот биле индиски цивили го зголемуваат ризикот од индиска воена реакција, особено ако Делхи утврди или претпостави пакистанска вмешаност.
„Политичката придобивка за Индија од ваков одговор би била значителна, бидејќи постои огромен јавен притисок за силна реакција“, вели тој.
„Друга придобивка би била враќањето на ефектот на одвраќање, особено ако целите се елиминираат успешно. Но, одмаздата може да предизвика сериозна ескалација или дури и конфликт“, предупредува Кугелман.
Според Кристофер Клари од Универзитетот во Олбани, тајните операции нудат простор за негирање одговорност, но веројатно нема да бидат доволни за задоволување на домашните политички потреби.
Индија има две потенцијални опции, додава тој. Прво, прекинот на огнот од 2021 година полека се распаѓа, па Моди може да одобри продолжување на прекуграничните престрелки. Второ, повторување на воздушни или конвенционални напади како во 2019, со можни удари со крстосувачки ракети – секој со потенцијал за сериозна ескалација.
„Ниту една опција не е без ризик. САД моментално се фокусирани на други меѓународни кризи и можеби нема да бидат во позиција да помогнат во посредување“, додава Клари.
Фактот дека и Индија и Пакистан се нуклеарни сили ја зголемува тежината на секоја одлука.
„Нуклеарното оружје делува и како закана и како ограничување – тоа ги тера лидерите внимателно да размислуваат. Секој одговор ќе се обиде да изгледа прецизен и контролирано насочен. Пакистан може да одговори симетрично, а потоа да бара деескалација“, вели Рагаван.
„Видовме сличен модел во конфликти како Израел-Иран – ограничени напади проследени со дипломатски напори. Но, секогаш постои ризикот нешто да тргне наопаку“, вели Кугелман, потсетувајќи дека во случајот со Пулвама двете страни прибегнаа кон ограничени мерки.
„Индија ќе треба да ги процени политичките и тактичките придобивки од одмазда во однос на ризикот од ескалација“, истакнува тој.
Хусаин Хакани, поранешен пакистански амбасадор во САД, верува дека овојпат е можно сценарио на ограничени „хируршки удари“, како тие од 2016.
„Предноста за Индија е што тие се ограничени по обем – Пакистан не мора нужно да одговори – а индиската јавност добива потврда дека владата дејствувала. Но, истовремено, такви удари можат да предизвикаат одговор од Пакистан, кој често реагира дури и без детална истрага“, изјави Хакани.
Без разлика на патот што ќе го избере Индија, секој потег носи ризик. Заканата од ескалација е реална, а со тоа и опасноста кревкиот мир во Кашмир дополнително да се наруши.
Во меѓувреме, Индија ќе мора да се соочи со безбедносните пропусти кои го овозможија нападот.
„Фактот дека нападот се случил среде туристичка сезона укажува на сериозен безбедносен пропуст – особено во сојузната територија каде што безбедноста и редот се под директна контрола на федералната влада“, заклучува Рагаван.