Лазаревски: Дерби натпревари се добиваат со голема борба и стабилна рака

Дерби

24/04/2025

13:50

657

Големина на фонт

а а а

Ракометарите на Вардар веќе се во Битола и се во исчекување на големото ракометно дерби кое следи, она против Еурофарм Пелистер кое е закажно за вечерва во 18:30 часот во салата „Боро Чурлевски“.

За збогатување на ракометниот спектакл се погрижија и „Комитите“ кои најавија дека вечерва ќе бидат дел од навивачиот колаж во Битола, па избраниците од двете страни очекуваат фер и коректна игра, но и борба за секоја топка до самата завршница.

По најавата на Никола Митревски од редовите на Еурофарм Пелистер, изјава за „Спортското радио 90,3 фм“ даде и Милан Лазаревски, пивотменот на Вардар кој го окарактеризира денешниот меч како најважен за „црвено-црните“ во досегашниот дел од сезоната.

– Уживање е да се игра во Битола, битолските навивачи прават одлична атмосфера, но тука се и „Комитите“ кои најавија дека ќе дојдат и дека ќе бидат ветер во грб за нас. Тие ќе ни бидат огромна поддршка вечерва и навистина сме во исчекување на натпреварот кој е најважен за нас од стартот на сезоната.

– Овој натпревар може да биде и решавачки во зависност од исходот, па затоа за нас екстремно важно е да победиме. Ако го направиме тоа, потоа решавачки ќе биде натпреварот против Еурофарм Пелистер во последното коло кој го играме на домашен терен. Очекувам тврд дерби натпревар како и обично, очекувам максимална борба за секоја топка. Оној кој ќе има посилни нерви и помирна рака на крај ќе излезе како победник. Станува збор за две квалитетни екипи, тимови кои се претенденти за титулата и нијанси ќе го решат победникот.

– На вакви натпревари не се препознаваат фаворити и актуелната форма, тоа нема никаква улога. Секое дерби носи посебен мотив, особено за македонските ракометари. Има голем број македонски играчи во двата тима и во вакви натпревари се занемарува формата. Вакви натпревари се добиваат со голема борба и стабилна и мирна рака. Треба да останеме присебни, да не дозволиме атмсоферата во салата да влијае врз нас. Тоа досега не ни претставувало проблем и се надевам дека така и ќе остане вечерва, – изјави Лазаревски.

Неговата изјава слушнете ја ТУКА.