Кинеската компанија "CATL", најголемиот светски производител на батерии за електрични возила, ја претстави надградената батерија "Shenxing", која овозможува досег од 515 километри по само пет минути полнење.
„Повторно ги поместуваме границите на перформансите“, изјави техничкиот директор на "CATL", Гао Хуан, за време на Денот на технологијата на компанијата во Шангај.
Според него, целта на "CATL" е "Shenxing" батеријата за брзо полнење да стане стандард кај електричните возила, нудејќи „практично и слободно искуство на патување“.
Гао Хуан откри дека новата "Shenxing" батерија ќе се користи кај повеќе од 67 модели на електрични возила веќе оваа година, пренесува "CNN".
Компанијата претстави и нова натриум-јонска батерија за електрични возила, која, според "CATL", претставува подостапна и побезбедна алтернатива на литиумските и оловните батерии.
Перформансите на новата батерија се дополнително унапредени во споредба со конкурентот "BYD", кој исто така нуди полнење од пет минути, но со нешто помал досег од 402 километри.
За споредба, "Tesla Supercharger" станиците значително заостануваат – нивните возила можат да поминат само 322 километри по 15 минути полнење.
"CATL", кој снабдува широк спектар автомобилски брендови, вклучувајќи ги "Tesla", "BMW", "Volkswagen" и "Ford", и во 2024 година беше најголем светски добавувач на батерии за електрични возила по осми пат по ред, со 38% удел на глобалниот пазар, јавуваат медиумите.