Џенифер Лопез настапи во Џеда, Саудиска Арабија, како дел од програмата за Големата награда на Саудиска Арабија во Формула 1. Но, нејзиниот концерт предизвика бран критики, бидејќи се одржа на само 80 километри од светиот град Мека. Пред квалификациите за трката, Лопез се појави на завршниот тренинг облечена во впечатлив розов комбинезон со очила за сонце во иста боја. Нејзиниот моден избор привлече исто толку внимание колку и самата вечерна изведба, која беше полна со енергија и познати хитови.
Бран реакции на социјалните мрежи
Настапувајќи на патеката "Jeddah Corniche Circuit", Лопез изведе некои од своите најголеми хитови, вклучувајќи ги "On the Floor", "Let’s Get Loud," "I’m Into You" и "Ain’t Your Mama". Концертот беше дел од поголема музичка програма со бројни меѓународни и регионални уметници.
И покрај разновидната програма, токму настапот на Џенифер Лопез наиде на најголема осуда на социјалните мрежи. Многумина истакнаа дека концертот се одржал преголемо блиску до Мека и го нарекоа „срамота“ и „директна навреда за исламот“. Влијателни верски водачи и коментатори го осудија одржувањето на забавни настани од ваков тип во близина на најсветите места за муслиманите, нагласувајќи ја непристојноста на танците и откриената облека.
„Да се одржи концерт со танцување и разголена облека толку блиску до Мека е крајно непочитување. Саудиска Арабија треба да има на ум дека таа е чувар на најсветите исламски места“, напишаа корисници на мрежата X (поранешен Twitter).
Не е прв пат
Ова не е првпат Џенифер Лопез да предизвика слични реакции. Нејзиниот настап во Ријад на модна ревија на дизајнерот Ели Сааб исто така беше критикуван. Саудиските власти тогаш ги бранеа ваквите настани, кои сè повеќе потсетуваат на забавите во Лас Вегас.
Сепак, Саудиска Арабија во последниве години значително ги отвори вратите кон глобалната забава – вклучително и музички фестивали, филмски манифестации и големи спортски настани, кои до неодамна беа незамисливи во земјата.
И покрај негативните реакции, Џенифер Лопез делуваше опуштено и насмеано за време на престојот во Саудиска Арабија. Подоцна, на својот "Instagram" профил, таа објави: „До сите мои фанови ширум светот – ова лето ќе имам неколку специјални настапи. Едвај чекам да ве видам. Ќе биде неверојатно лето.“