Челникот на МААЕ оптимист по вториот круг од американско-иранските нуклеарни разговори

Нетпрес

20/04/2025

13:27

454

Големина на фонт

а а а

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изрази оптимизам за преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран, објави во неделата германската агенција dpa.

Двете страни се „подготвени да разговараат за конкретни аспекти едни со други“, изјави Гроси за италијанскиот весник La Repubblica во интервју објавено во неделата.

Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран, со посредство на Оман, треба да продолжат следната сабота. Третата рунда преговори ќе се врати од италијанската престолнина Рим во Мускат, во Оман.

Гроси рече дека е задоволен од досегашниот напредок. „Преговорите навистина можеа да пропаднат во овој втор круг. Тогаш сè ќе запреше“, рече тој.

„Постоеше ризик. Сепак, духот на Рим покажа дека може да се постигне напредок“, рече шефот на агенцијата, без да даде детали.

На вториот индиректен состанок за една седмица, министерот Абас Арагчи речиси четири часа преговараше во Рим со пратеникот на Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, преку официјален претставник од Оман кој пренесуваше пораки од едниот на другиот.

Засега по денешните преговори нема коментари од американската страна. Иран, кој вели дека неговата нуклеарна програма е во цивилни цели, изјави дека е подготвен да разговара за ограничувањата на неговата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции.

На државната телевизија Арагчи ги оцени преговорите како полезни и водени во конструктивна атмосфера.

„Успеавме да постигнеме одреден напредок за голем број принципи и цели и на крајот дојдовме до подобро разбирање… Договорено е преговорите да продолжат и да влезат во следната фаза, во која во среда во Оман ќе почнат експертските средби. Експертите ќе имаат можност да почнат да работат на рамката на договорот.

Највисоките преговарачи ќе се состанат повторно во Оман следната сабота за да ја „оценат работата на експертите и да проценат колку добро е усогласена со принципите на потенцијалниот договор“, додаде тој.

По претпазливите изјави минатата седмица од страна на врховниот водач Али Хамнеи, тој додаде: „Не можеме со сигурност да кажеме дека сме оптимисти. Постапуваме многу претпазливо. Исто така, нема причина за прекумерен песимизам“.

Иран минатата седмица им кажа на Соединетите држави дека е подготвен да прифати некои ограничувања за збогатување ураниум, но има потреба од силни гаранции дека американскиот претседател Доналд Трамп нема повторно да се повлече од нуклеарниот договор, изјавил во петокот висок ирански функционер во разговор за Reuters.

„За време на индиректните разговори (меѓу иранските и американските делегации) во Оман, Иран сфати дека Вашингтон не сака да ги запре сите нуклеарни активности и тоа може да стане заедничка основа за започнување искрени преговори“, го цитира Reuters официјалниот претставник.

Според агенцијата, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи за време на дискусиите меѓу иранските и американските претставници на 12 април во Мускат, Оман, изјавил дека Техеран е подготвен да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) како гаранција дека неговите нуклеарни активности се цивилни. Сепак, Арагчи појасни дека тоа е можно само доколку се укинат санкциите од нафтениот и финансискиот сектор на Иран.

Во петокот Арагчи престојуваше во Москва, каде за нулеарните разговори со САД се консултираше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој рече дека Русија е „подготвена да помогне, да посредува и да одигра каква и да е улога што ќе биде полезна и за Иран и за САД“.

Москва играше улога во иранските нуклеарни разговори во минатото како членка со право на вето на Советот за безбедност на ОН и потписник на претходниот договор од кој Трамп ги повлече САД за време на неговиот прв мандат во 2018 година барајќи нов договор со кој ќе биде опфатена и иранската ракетна програма.