Сопругата на возачот на Брзата помош Илчо Гоцевски, кој почина помалку од 24 часа по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во разговор за „Фокус“ открива детали за последниот работен ден на својот сопруг.
Таа раскажува дека тој бил на работа речиси целиот ден и бил меѓу првите кои пристигнале на местото на несреќата, каде што се соочил со сцени што, како што вели, „не се гледаат ни на филм“.
Според нејзините зборови, Илчо на 16-ти март бил на повик речиси целиот ден, а неговата ноќна смена започнала во 19 часот и траела до 7 часот наутро. Кога добиле дојава за интервенција во дискотеката „Пулс“, екипата најпрво мислела дека станува збор за вообичаена ситуација – дека некој посетител се почувствувал лошо и дека ќе треба да помогнат на едно или две лица. Но, кога пристигнале таму, ги затекнале сцени на хаос – паника, вресоци и стампедо.
Илчо и неговите колеги веднаш започнале со евакуација и транспорт на повредените кон болница. Луѓето сами влегувале во возилото барајќи помош, а во еден момент во амбулантното возило се нашле и дваесетина лица. Како што раскажува неговата сопруга, тој превезувал и повредени и починати, додека многумина од повредените имале сериозни изгореници и трпеле силни болки.

Таа додава дека таа ноќ Илчо повеќепати возел на релацијата Кочани – Скопје, а дел од тие патувања биле и пред да се случи трагедијата, бидејќи и претходно бил на терен. По пожарот, иако смената му завршила, тој продолжил да помага поради вонредната ситуација и големиот број повредени.
Кога конечно се вратил дома, ѝ кажал дека додека им давал кислород на повредените и ги спасувал луѓето, воопшто не помислил на себе. Повеќепати влегувал во објектот за да извлече луѓе, а во целата таа трка за спасување заборавил самиот да земе кислород. Дома пристигнал дури вечерта, по цел ден поминат во транспорт на повредени. Сопругата вели дека бил исцрпен, со потемнето и модро лице. Единственото што успеал да ѝ го каже било дека се случила огромна трагедија и дека носел деца во раце – меѓу нив и другари на нивниот син.
Тој додал и дека глетките биле толку страшни што никогаш претходно во животот не видел нешто слично.
По враќањето дома сакал само кратко да одмори неколку часа, а потоа повторно да се врати на работа. Сепак, по извесно време сопругата забележала дека нешто не е во ред. Кога влегла во спалната соба, го затекнала како лежи и веднаш сфатила дека не реагира.
Веднаш повикала Брза помош, а на местото дошла токму екипата со која Илчо работел. Неговите колеги биле шокирани кога го виделе, бидејќи само неколку часа претходно заедно се бореле да ги спасат повредените од трагедијата. Еден од нив дури и се онесвестил.
Лекарите подоцна утврдиле дека Илчо починал од срцев удар, најверојатно предизвикан од огромниот физички и емоционален напор, како и од адреналинот под кој работел со часови.
Сопругата раскажува дека трагедијата оставила длабоки последици врз нивното семејство, особено врз нивниот син, кој тогаш имал 17 години. Освен што го загубил татка си, во пожарот ги изгубил и своите пријатели, па момчето сè уште посетува психолози и не оди на настава.
Таа истакнува дека семејството добило поддршка од локалната заедница, како и од организации како Црвен крст и Сапорт Кочани, но смета дека институциите не направиле доволно.

„Од државата – не... Тоа што само Црвен крст ни помогна со финансиски средства што се собираа донации. Имавме поддршка и од „Кочани Сапорт“ – од нив имавме секаква поддршка. Иле имаше многу признанија за хуманост, не би ги споменала конкретно за да не испуштам некое. Дури има и од претседателката на државата. Значи неколку признанија и плакети – и ќе го кажам јасно тоа – најверојатно некои луѓе се родени да бидат херои. Затоа што тој цел живот го помина во помгање на некого… и можам да замислам како таа ноќ дал се од себе“, вели сопругата на Илчо.
За Илчо, додава таа, сите во Кочани знаеле дека е човек кој секогаш бил подготвен да помогне. Во болницата работел 18 години, често останувал и по работното време, а луѓе од целиот источен регион му се јавувале кога им требала помош или совет.
На годишнината од трагедијата, нејзината порака е луѓето да останат обединети и хумани.
„Иле ни покажа дека и обичен човек може да биде херој – човек кој целиот живот им помага на другите, па дури и по цена на сопствениот живот“, изјави таа во сведоштвото за „Фокус“.
















