Почина чичко Драги, препознатливиот топол поглед од Рекорд: Со своето молчење направи многу поголеми добрини, од многумина чиј глас се слуша насекаде

Точка

16/03/2026

11:19

621

Големина на фонт

а а а

Не постоеше скопјанец, кој не го познаваше. Скромниот човек со малата тезга на Рекорд и голем број улични кучиња околу него. Чичко Драги. Не може да се спомене Рекорд, а да не се помисли на него. Тажен поглед, полн со добрина и очи кои говореа многу повеќе од илјадници зборови.

Поради здравствени причини го загубил говорот, но тоа не го спречуваше да ни пренесе многу мудрости и животни лекции. Само со неговите дела и постоење. Секако, доколку дозволевме сами – да погледнеме под површината и сфатиме колку слоеви има човештвото – надвор од она материјалното.

Драган Пароски, нашиот чичко Драги, со она малку што го имаше, заработувајќи на неговата тезгичка зиме-лете, се грижеше за уличните кучиња – повеќе отколку за себе. Несебично го споделуваше своето парче леб и ги чуваше оние најкревките.


Последниве месеци неговата здравствена состојба се влоши, повеќе не го гледавме на неговото место во центарот на градов. Се собираа донации, по неговата објава од болничкиот кревет, со надеж дека повторно ќе го здогледаме, заедно со неговите кучиња и гулабите кои ги хранеше.

Но, вчера на социјалните мрежи осамна објава од Тина Алексовска, која сподели дека чичко Драги ја изгубил оваа битка...

Во продолжение, ви ја пренесуваме нејзината објава во целост.

„Почивај во мир чичко Драги Dragan Paroski ...

Бев дете, можеби 3, 4 години, се подигав на прсти на балконот од нашиот стан на Рекорд и секогаш вниманието ми го зимаше тезгата на чичко Драги која беше во пролазот каде што е сега Министерство за правда... Кога ќе дојдеше сонцето до тезгата сите ланчиња светкаа... во тоа време чичко Драги продаваше многу убави работи... А со него имаше една многу убава плава девојка со која потоа се разделија. Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се љутеше кога му остававме пари.

Годините си поминуваа тој остана сам на Рекорд, имаше денови кога трчав да видам дали му е добро... пред некоја година во најголемиот снег ми кажаа дека е на операција на Уво нос и грло, земав такси и го побарав... Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги, тој па кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе неможе да збори...

Поминуваа годините со лифчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба... а потоа јас заминав во Германија.

Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите па и за него.

Денес ми јавија дека починал.

Не издржал човекот кој цел живот го помина на Рекорд.

Навистина се е суета, а животот е сенка и сон, та напразно толку се потресува секој човек роден на земјава, како што вели Св. Писмо: кога светот ќе го придобиеме, тогаш во гроб ќе се вселиме, кај што се заедно царевите и сиромасите. Затоа Христе Боже, починатиот раб Твој чичко Драги упокој го како Човекољубец...

Сочуство до фамилијата.

Нека почива во мир, ќе фали на Рекорд ...

Ви благодарам на сите кои се грижевте за него!!!“

Почивај во мир, чичко Драги. Ќе ја продолжиме твојата хумана мисија, ти ветуваме.