Научниците првично ја нарекувале Кудрјавка – што значи, но прекарот Лајка го добила кога, за време на радио-интервју со научниците кои работеа на експериментот, едноставно – почнала да лае.
На денешен ден пред 68 години, Русите ја лансираа кучката Лајка во вселената. За едно од најпознатите кучиња во историјата тоа беше врв на слава, но и слава со горчлив вкус. Лајка угинала неколку часа по лансирањето, но советските власти ја криеле вистината со години. Таа стана симбол на раната вселенска трка меѓу Советскиот Сојуз и САД – и на цената што ја плаќале животните пред човекот конечно да стигне во орбитата. За жал, Лајка не беше единствена жртва.
Иако често се тврди дека таа била првото живо суштество во вселената, тоа не е точно. Американците уште во 1949 година лансирале ракета на висина од 134 километри со мајмунот Алберт II, кој се смета за првиот примат што го преминал прагот меѓу атмосферата и вселената (100 км). Но, како и Лајка, ниту тој не преживеал – загинал при слетувањето поради дефект на падобранот. Две години порано, во 1947, во рамки на генетски експерименти, САД лансирале вински мушички, кои среќно се вратиле на Земјата.

Русите сакале да одат чекор понатаму
По триумфот со „Sputnik 1“, првиот вештачки сателит, советското раководство решило по повод 40-годишнината од Октомвриската револуција да испрати живо суштество во вселената – по секоја цена. Така настанал проектот „Sputnik 2“, со кабина за куче, но без можност за враќање.
Лајка, кучето што ќе заврши во кобната кабина, била улична мешанка што научниците ја пронашле во Москва. На почетокот собрале неколку бездомни кучиња, сметајќи дека тие се најпогодни за експериментот – навикнати на студ, глад и стрес. Со текот на времето, Лајка се покажала најпослушна, па токму таа била избрана за првото „космо куче“. Малата, мирна и издржлива Лајка, била идеална за тесниот простор на вселенската капсула што, за жал, ќе стане нејзин летачки ковчег.

„Кучето што лаело на радио“
Пред полетувањето, тимот од тренери и ветеринари ги подготвувал кучињата со недели: ги навикнувале на центрифуга и вибрации, ја загревале кабината, ги сместувале во сè потесни кафези и ги хранеле со нутритивен гел. Иако мисијата првично била тајна, јавноста брзо дознала. Луѓето низ целиот свет се приврзале за Лајка – весниците објавувале илустрации, а децата испраќале писма „кучето во вселената“. Истовремено, започнала глобална дебата за етиката на жртвување животни без план за нивно враќање. Советскиот Сојуз ја претставувал како хероина-пионер, нејзиниот лик се појавувал на марки и плакати, но нејзината судбина отворала непријатни прашања за моралот на науката.

Вистината што ја криеле со години
На 3 ноември 1957 година, Лајка била лансирана во орбитата. Починала неколку часа подоцна. Но, јавноста тоа не го дознала – Советите тврделе дека преживеала неколку дена и дека била „успана без болка“. Дури години подоцна е откриено дека неколку часа по полетувањето дошло до прегревање на кабината, поради неисправна изолација и импровизиран систем за ладење, што предизвикало стрес и топлотен удар.
„Sputnik 2“ останал во орбитата до април 1958 година, кога изгорел во атмосферата.

Научна жртва што го промени текот на историјата
И покрај трагичниот крај, експериментот имал огромно техничко и научно значење за Советскиот Сојуз. Докажано е дека жив организам може да го издржи полетувањето и краткотрајната бестежинска состојба, а податоците од сензорите на Лајка помогнале да се развијат понатамошни мисии.
Тоа го отворило патот за летот на Белка и Стрелка во 1960 година, кои успешно се вратиле на Земјата, а потоа и за Јуриј Гагарин во 1961 година – првиот човек во вселената.
Жртвата на Лајка имала и симболичко значење: Советите демонстрирале надмоќ над САД и го засилиле престижот на својот вселенски програм.

Лајка – кучето што светот никогаш нема да го заборави
Денес многумина сметаат дека програмата во која учествувала Лајка имала сериозни пропусти – делумно затоа што била започната во помалку од еден месец, под притисок на политиката и пропагандата на Студената војна. Советите ѝ се оддолжиле со споменик во Москва, но вистинската награда е тоа што нејзиното име стана вечен симбол на храброст и жртва за науката.
Послушната улична кучка од Москва, која несвесно го дала животот за човечкото знаење, денес е запаметена низ целиот свет – и од оние што ја сметаат за хероина, и од оние што жалеа што Лајка за време на животот не била малку понемирна. Можеби тоа ќе ѝ го спасеше животот што ѝ го одзеде – човекот.


















