Огромно мнозинство Американци се загрижени дека би можеле да ги загубат своите работни места оваа година, покажува новото истражување на пазарот на трудот.
Извештајот насловен „Состојба на пазарот на трудот 2025“ ја открива растечката несигурност меѓу работниците во САД. Според истражувањето спроведено на примерок од 1.115 вработени, дури 81 отсто од испитаниците стравуваат дека ќе останат без работа оваа година, а 20 отсто од нив велат дека се многу позагрижени од минатата година, пренесува „Њузвик“.
Луѓето се помалку ги менуваат работните места бидејќи се загрижени за отпуштања и можна рецесија. Дури 76 отсто од испитаниците очекуваат повеќе отпуштања во 2025 година, а дури 92 отсто од нив веруваат дека доаѓа рецесија. Речиси две третини (63 отсто) сметаат дека годинава ќе затворат повеќе компании отколку лани.
Во март, американските работодавци објавија 275.240 отпуштања – повеќе отколку во истиот месец пред пет години, кога избувна пандемијата, според извештајoт.
Од нив, дури 216.215 отпуштања доаѓаат од федералната администрација. Во изминативе два месеци вкупно 280.253 лица се отпуштени во 27 владини агенции. Главниот двигател на тој бран отпуштања е новоформираниот Оддел за владина ефикасност, кој го води Илон Маск и чија цел е да ја намали владината бирократија и трошоците.
Во однос на бројот на отпуштања, март беше најлошиот месец од историските намалувања во април и мај 2020 година, кога повеќе од милион луѓе ги загубија своите работни места поради пандемијата, според податоците што ги следи Челинџер од 1989 година.
„Не е само стравот од отпуштања. Луѓето се плашат дека системот ќе ги заборави“.
Патрис Вилијамс Линдо, извршен директор на „Карир номд“, вели дека луѓето не драматизираат, туку само следат што се случува.
„Отпуштањата сè уште се случуваат редовно, иако се непредвидливи. Економијата изгледа нестабилна. Тарифите постојано се менуваат. Вестите не запираат. Работниците се уморни да бидат изненадени од нештата и таа вознемиреност се чувствува“, изјави Линдо за Њузвик“.
Иако стапката на невработеност во САД останува ниска, големите медиумски и технолошки компании кои неодамна отпуштија голем број работници создаваат психолошки притисок, вели Сем Рајт од Хантр, компанија за пишување резимеа и следење апликации.
„Секогаш кога некоја голема компанија најавува отпуштања, гледаме зголемување на активноста на нашата платформа, дури и од сектори кои немаат никаква врска со индустријата од која доаѓаат вестите“, изјави Рајт за „Њузвик“.
Несигурноста при работа предизвикува и поголем стрес. Повеќе од половина од испитаниците (52%) очекуваат исцрпеноста да биде уште почеста. Како главна причина се наведува несигурноста при работа (43%).
За да останат конкурентни, 61 процент од работниците планираат да инвестираат во образование и обука во 2025 година. Линдо вели дека тоа повеќе зборува за недоверба во системот отколку за лошата состојба на пазарот. „Пазарот на трудот не се распаѓа, но довербата на луѓето во него пропаѓа. Тоа навистина го покажуваат овие податоци“, рече таа.
Каудин додава дека сегашната паника можеби нема да трае, но дека работниците ја прават вистинската работа со тоа што се подготвуваат и работат на себе.
„Работете на вашиот личен бренд, ажурирајте го вашиот LinkedIn, разговарајте со тренер или терапевт, останете присутни на работа – дури и ако работите од дома – и внимавајте на вашиот начин на размислување. Не дозволувајте стравот да ја диктира вашата судбина“.