"Lambo" со три реда седишта? Никогаш: „Тоа не е Lamborghini“.
"Lamborghini Urus" претставува вистински успех за италијанскиот производител на суперавтомобили – минатата година учествуваше со повеќе од половина од вкупната продажба на брендот, а од своето лансирање е најпродаваниот модел во историјата на компанијата.
Сепак, шансите "Lamborghini" да додаде уште еден SUV во понудата се многу мали.
Федерико Фошини, директор за маркетинг и продажба во "Lamborghini", во интервју за "CarSales.com.au" изјави дека поголем SUV едноставно не би бил доволно спортски.
„Ќе стане едноставно преголем“, рече тој за медиумот. „Тоа не е Lamborghini.“
Купувачите, исто така, не треба да очекуваат ниту помал модел од "Urus". Фошини истакнува дека "Lamborghini" не може да понуди производ кој не е доволно развиен или премногу компромитиран.
Според него, "Urus" има совршена големина и нуди вистинско возачко искуство на суперавтомобил.
„Тоа е идеален компромис.“
"Urus", покрај сè, е и исклучително популарен. Моделот е распродаден до 2026 година, а "Lamborghin"i тешко успева да ја задоволи побарувачката.
Во меѓувреме, моделот веќе е достапен и како "plug-in" хибрид. Пред една година беше претставен "Urus SE", кој комбинира 4.0-литарски "V8" битурбо мотор со 612 коњски сили и електромотор со 189 коњски сили.
Вкупната сила изнесува 789 коњски сили и 950 Nm вртежен момент, што му овозможува на овој "SUV" да забрза од 0 до 100 km/h за само 3,4 секунди.
Максималната брзина е 312 km/h, а во целосно електричен режим може да помине 60 километри, иако тогаш максималната брзина се намалува на 130 km/h.
Четвртиот модел на "Lamborghini", кој речиси бил лимузина, сепак ќе биде електрично возило базирано на концептот "Lanzador – GT" со 2+2 конфигурација на седишта.
Неговото лансирање се очекува дури во 2029 година, а според најавите, ќе биде најмоќниот модел во историјата на брендот.
Овој нов автомобил ќе биде развиен на специјална механичка платформа, создадена од "Porsche", која ќе овозможи моќност до неверојатни 2.000 коњски сили.