Научниците открија навика што укажува на депресија

Точка

08/04/2025

11:49

4.759

Големина на фонт

а а а

Експертите со години предупредуваат дека лицата кои одат доцна на спиење се изложени на поголем ризик од депресија.

Не е лесно да се биде „ноќна птица“ во свет креиран за ранобудници. Пред сè, оние кои доцна стануваат често се погрешно етикетирани како мрзливи. Иако експертите одамна укажуваат дека луѓето кои легнуваат доцна имаат поголеми шанси да развијат депресија во споредба со оние кои рано стануваат, досега не беше сосема јасно зошто.

Сепак, ново истражување објавено во списанието "PLOS One" нуди нова перспектива зошто ноќните типови се посклони на депресија од утринските.

Истражувачи од Универзитетот во Сари анкетирале 546 студенти, анализирајќи ги нивните обрасци на спиење, свесноста, емоционалната состојба, консумацијата на алкохол и менталното здравје.


Студијата покажала дека ноќните птици почесто страдаат од депресија отколку утринските типови, и дека исто така повеќе се грижат — што често се поврзува со симптомите на депресија.

Истражувачите нагласуваат дека ова ги потврдува претходните наоди според кои луѓето имаат поголема склоност кон загриженост и негативни мисли во вечерните часови.

Дополнително, утринските типови покажале поголема свесност, односно подобра способност да ги препознаат и контролираат своите мисли и емоции. За разлика од нив, ноќните птици почесто консумирале алкохол и имале полош сон.


„Бидејќи многу млади возрасни лица се соочуваат со нарушено ментално здравје, резултатите од оваа студија се од особено значење. Многумина имаат навика да остануваат будни до доцна, а резултатите покажуваат дека одредени интервенции би можеле да го намалат ризикот од депресија, заклучуваат авторите.

Претходни истражувања покажале и дека редовно будење во раните утрински часови неколку пати неделно може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, бидејќи срцето и крвните садови се под силно влијание од циркадниот ритам, односно циклусот на спиење и будење.

Ноќните типови исто така имаат поголема веројатност да развијат дијабетес тип 2, во споредба со луѓето кои рано одат на спиење, според американски научници.


Експерти од Универзитетот Ратгерс во Њу Џерси откриле дека ноќните птици се помалку активни во текот на денот и помалку ги користат мастите како извор на енергија, што доведува до натрупување на масти – потенцијално водечка причина за дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.

Дополнително, луѓето кои остануваат будни до доцна покажуваат намалена чувствителност на инсулин, што може негативно да влијае врз здравјето.

Истражување од 2018 година, пак, покажало дека жените кои легнуваат доцна имаат зголемен ризик од рак на дојка во споредба со оние кои се будат рано, пишува "The Sun".