Дали консумирањето алкохол предизвикува дебелеење?

Точка

25/03/2026

18:01

330

Големина на фонт

а а а

Прекумерното консумирање алкохол со текот на времето може да придонесе за зголемување на телесната тежина, бидејќи влијае на апетитот, ја зголемува гладта и го забавува согорувањето на мастите. Поради тоа, масното ткиво може полесно да се натрупува, особено во пределот на стомакот, пишува „Health.com“.

Повремената и умерена консумација на алкохол најчесто не се поврзува директно со дебелеење, но редовното претерување може со тек на време да доведе до вишок килограми. Ризикот е поголем кај луѓе кои често консумираат поголеми количини алкохол. Ако се пие премногу, алкохолот може да влијае на повеќе процеси во телото поврзани со дебелеењето. Може да го зголеми апетитот, да ги наруши хормоните, да внесе многу калории и да го влоши квалитетот на сонот.

Влијае на хормоните, ја зголемува гладта

Алкохолот може да ја наруши рамнотежата на хормоните кои учествуваат во регулирањето на метаболизмот, стресот и апетитот. Меѓу нив е и кортизолот, хормон на стресот. Кога неговото ниво подолго време е покачено, тоа се поврзува со натрупување масно ткиво во пределот на стомакот и поголема желба за калорична храна.

По неколку пијалаци, луѓето почесто посегнуваат по помасна, посолена или покалорична храна. Истражувањата укажуваат дека алкохолот може да ги засили сигналите за глад, а кај некои луѓе и да го намали нивото на шеќер во крвта, што дополнително го поттикнува апетитот. Поради тоа, лицата со дијабетес треба да бидат особено внимателни, особено ако пијат на празен стомак или заедно со терапија.


Поттикнува натрупување масти на стомакот

Изразот „пивски стомак“ одамна влезе во секојдневниот говор, но работите не се толку едноставни. Алкохолот не се претвора директно во сало на стомакот, туку го менува начинот на кој телото ја користи енергијата. Додека го разградува алкохолот, телото побавно согорува масти, па тие полесно се натрупуваат. Масното ткиво во пределот на стомакот се поврзува со поголем ризик од срцеви заболувања, висок крвен притисок, покачен холестерол и дијабетес тип 2.

Алкохолот содржи многу калории, а речиси воопшто нема корисни хранливи материи. Основниот проблем не е само во алкохолот, туку и во додатоците: коктелите и мешаните пијалаци често содржат сирупи, сокови и ликери, па лесно стануваат многу калорични. Со други зборови, калориите брзо се акумулираат, а не даваат чувство на ситост ниту нутритивна вредност.

Го нарушува сонот

Иако алкохолот може да помогне полесно да се заспие, сонот по консумирање алкохол често е со послаб квалитет и пократок. На долг рок, недостигот на сон може да придонесе за дебелеење, бидејќи тогаш почесто се зголемува апетитот и потешко е да се одолее на грицки и друга калорична храна.


Дали прекинот со алкохол води до слабеење?

Не мора нужно. Самото прекинување или намалување на внесот на алкохол не значи автоматски губење на килограми. Сепак, кај луѓе кои често и многу пијат, намалувањето на алкохолот може да помогне во подобра контрола на апетитот и вкупниот внес на калории. За слабеење и понатаму е клучно телото со тек на време да троши повеќе енергија отколку што внесува.

Оние што сакаат да внимаваат на тежината, а не сакаат целосно да се откажат од алкохол, можат да пробаат неколку едноставни навики: да јадат пред излегување или пиење, да избираат поедноставни и помалку слатки пијалаци, да пијат побавно и меѓу алкохолните пијалаци да испијат чаша вода. Добро е и однапред да се постави лична граница. Важно е да се има предвид дека не постои целосно безбедна количина алкохол, па умереноста е најсигурниот пристап.