Истражувањата покажале: Пониските луѓе можат да имаат неочекувани здравствени предности

Точка

25/03/2026

21:00

451

Големина на фонт

а а а

Висината често се поврзува со разни предности, но сè повеќе научни трудови укажуваат на тоа дека пониските луѓе можат да имаат и некои неочекувани здравствени предности, па дури и да живеат подолго, пишува „Њујорк Пост“.

Помал ризик од рак

Шведска студија од 2014 година, спроведена на повеќе од пет милиони луѓе, покажала дека секои дополнителни 10 сантиметри висина го зголемуваат ризикот од рак – за 18% кај жените и 11% кај мажите. Повисоките жени имале 20% поголем ризик од рак на дојка, додека ризикот од меланом кај двата пола растел за околу 30% со секои дополнителни 10 сантиметри висина.

Анализата на Светскиот фонд за истражување на ракот наведува и дека повисоките луѓе почесто заболуваат од рак на бубрези, јајници, панкреас, дебело црево и простата. Едно од објаснувањата е дека повисоките луѓе имаат повеќе клетки и повисоко ниво на хормон за раст, што може да ја зголеми веројатноста за мутации што го поттикнуваат развојот на рак.


Помал ризик од згрутчување на крвта

Студија од 2017 година, спроведена на повеќе од два милиони браќа и сестри, покажала дека повисоките луѓе имаат поголем ризик од развој на опасни крвни згрутчувања во вените, односно венски тромбоемболизам. Мажите пониски од 160 см имале 65% помал ризик од крвни згрутчувања во споредба со мажите повисоки од 188 см.

Кај жените, оние пониски од 155 см имале до 69% помал ризик од жените повисоки од 183 см. Истражувачите сметаат дека тоа е поврзано со должината на нозете – подолгите крвни садови можат да го забават враќањето на крвта кон срцето, што го зголемува ризикот од згрутчување.

„Се надеваме дека висината во иднина ќе се зема предвид при процената на ризикот од венски тромбоемболизам“, изјавил раководителот на студијата, д-р Бенгт Зелер.


Помал ризик од скршеница на колк

Кај постарите лица, скршеницата на колк може да има многу сериозни последици, а и тука пониските луѓе имаат одредена предност. Мета-анализа на седум студии од 2016 година покажала можна поврзаност меѓу поголемата висина и поголемиот ризик од скршеница на колк. Научниците наведуваат неколку можни објаснувања, меѓу кои и тоа дека повисоките луѓе имаат повисоко тежиште на телото, поради што се посклони кон падови. Освен тоа, при пад на земја удираат со поголема сила.

Поголема веројатност за подолг живот

Во просек, пониските луѓе живеат од две до пет години подолго од повисоките. Една од причините би можела да биде во гените. Студија од 2014 година, спроведена на американски мажи со јапонско потекло, покажала дека пониските мажи почесто ја носат варијантата на генот „FOXO3“ поврзана со долговечноста.

„Испитаниците ги поделивме во две групи – оние високи до 157 см и оние повисоки од 163 см“, изјавил д-р Бредли Вилкокс, еден од истражувачите. „Оние пониски од 157 см живееја најдолго. Колку сте повисоки, толку ви е пократок животниот век“, додал тој.


Друга студија покажала дека луѓето со понизок раст и поситна градба во просек живеат подолго и имаат помалку хронични болести поврзани со исхраната, особено по средните години.

Иако понискиот раст може да има одредени здравствени предности, експертите предупредуваат дека се потребни уште многу истражувања за поврзаноста меѓу висината и долговечноста. Повисоките луѓе, секако, не треба да се грижат, бидејќи науката потврдува дека животните навики – како исхрана богата со хранливи материи, редовна физичка активност, доволно сон и одржување здрава телесна тежина – имаат пресудно влијание врз должината на животот, без оглед на висината.