Низ историјата, луѓето развиле различни методи на тортура, било како средство за казнување, присилно признавање или заплашување.
Од античките цивилизации до модерните времиња, тортурата се користи во различни култури и општества, честопати одразувајќи ги политичките, религиозните и социјалните норми од тоа време.
Кога станува збор за мрачната „уметност“ на тортурата, нема ништо поедноставно и поефикасно од она што го правеле Иранците на почетокот на 2000-тите. Тие претпочитале казна на психолошко ниво, пишува „LADbible“.
Ја спроведувала Иранската револуционерна гарда како одговор на обидот за политички реформи. За време на овој суров метод на тортура, тие ги држеле затворениците во самица каде што можеле да останат со месеци, па дури и години, под уникатни застрашувачки услови.
Имено затворениците биле сместувани во целосно бели ќелии, а нивната облека и храна, како што е незачинет ориз послужен во бели чинии за еднократна употреба, биле исто така бели.
За да се постигне овој застрашувачки ефект на безживотна празнина, над затворениците биле поставени неонски цевки за да не се создаваат сенки, додека сите површини биле мазни. Немало звук додека стражарите стоеле во тишина, опкружени со звучно изолирани ѕидови, подови и тавани.
Што се однесува до психолошките ефекти врз затворениците, кои често биле новинари, тие можеле целосно да се обезличат и да доживеат халуцинации или психоза.
Целта на иранските власти била тие да потпишат признанија и да дадат детали за нивните политички определби. Веројатно најпознатиот притвореник од овој период на „иранската бела тортура“ е поранешниот студент по медицина Амир Фахравар, кој бил затворен во „таен“ притворски центар во затворот Евин.
„Не видовме никаква боја, целата ќелија беше бела, подот беше бел, облеката нѝ беше бела, а светлината исто така беше бела. Нашата храна беше бел ориз. Не можевме да слушаме гласови. Бев таму осум месеци и по тие месеци не можев да се сетам на лицата на татко ми и мајка ми. Кога излегов од тој затвор, не бев нормален човек, рекол тој. Кога имал потреба да оди во тоалет, морал да стави парче бел лист под вратата на ќелијата за да ги предупреди чуварите кои наводно имале чевли дизајнирани да придушат секаков звук, а не смеел да разговара со никого“, се вели во извештајот на Амнести Интернешнал за притворот на Фахравар.
Фахравар првпат бил уапсен на 17-годишна возраст, откако го критикувал режимот во земјата, но не можел да разбере зошто неговиот повик за реформи бил пречекан со таква суровост.
„Го прашав мојот испрашувач: „Што сакаш од нас?“, рекол Фахравар и додал: „Разбрав дека сакаат да влеат страв во целото иранско општество. Тие се обидуваат да им го исперат мозокот на сите деца во Иран“.
Од друга страна случаи на бело мачење биле пријавени и ширум Америка и Венецуела.