Бесот е една од негативните емоции што ги доживуваме кога го задржуваме гневот. Бесот и лутината се сосема нормални човечки емоции. Меѓутоа, кога ќе ги преминат границите на нормалноста, може да ја нарушат нашата психолошка и емоционална состојба и нормалното функционирање.
Во моментите на бес, имаме потреба да го извадиме сето тоа од себе. Како оган што го гори телото одвнатре, различни луѓе имаат различни методи кои ги користат за да се справат со гневот. Некој ќе се вика по лицето што го предизвикало гневот, други ќе бидат агресивни, па дури и опасни за околината, додека третите, оние што знаат како, ќе избројат до 10 и ќе се смират.
Исто така, земањето пенкало и хартија е уште едно решение за справување со наталожениот бес, според најновото истражување. Алтернативно, можете да ги користите белешките на телефонот и да почнете да ги пишувате вашите мисли. Но, трикот е во тоа што на крајот треба да ги фрлите или избришете мислите напишани на хартија или на телефонот.
Истражувачите од Универзитетот Нагоја во Јапонија ги проучувале испитаниците од кои било побарано да напишат кратки мислења за важни општествени прашања.
Им било кажано дека нивното пишување ќе биде оценето. Меѓутоа, без разлика што напишале, сите добиле навредливи и негативни коментари и биле слабо оценети по интелигенција, интереси, логика и рационалност. Откако ги добиле овие негативни коментари, од учесниците било побарано да ги запишат своите размислувања на парче хартија. На една група ѝ било кажано или да ја фрлат хартијата во канта или да ја чуваат на своето биро. На друга група ѝ било кажано да го стават документот во уништувач (шредер за хартија) или во пластична кутија. Анализата открила дека иако сите пријавиле повисоки нивоа на гнев откако добиле навредливи коментари, учесниците кои ги фрлиле или ги иситниле своите напишани мисли брзо се вратиле во првобитната состојба на смиреност.
„Очекувавме дека нашиот метод ќе го потисне бесот до одреден степен. Меѓутоа, бевме изненадени што бесот беше речиси целосно елиминиран. Оваа техника може да се примени во моментот – така што ќе го запишете изворот на гневот на хартија, а потоа ќе го фрлите кога ќе се чувствувате лути во деловна ситуација“, рекол истражувачот Нобујуки Каваи, пренесува „Daily Mail“.