[ВИДЕО] Ферстапен и Норис имаа инцидент во боксот, Макс продолжи да царува на Сузука

Дерби

06/04/2025

10:24

1.017

Големина на фонт

а а а

Трката за Големата награда на Јапонија обично ја добива оној кој стартува од првото место, па откако Макс Ферстапен вчера режираше чудо во квалификациите, денеска само ја доврши извонредно добрата работа на третиот тркачки викенд оваа сезона.

Иако вози со значително послаб болид од оној на Мекларен, Ферстапен го покажува својот шампионски ген и во исклучително неповолни услови, па денеска љубоморно го одбрани првото место од двоецот Норис-Пјастри.

Сосема очекувано, Норис како втор во квалификациите имаше можност постојано да гледа во задниот дел од болидот на Ред Бул, па во недостиг на решенија на патеката, Мекларен се обиде да направи промена во редоследот преку тактиката за бокс.

Ферстапен и Норис истовремено влегоа во бокс во 22-от круг, а бидејќи механичарите од Мекларен беа малку побрзи, тоа доведе да видиме несекојдневна ситуација во Формула 1.

Макс и Ландо беа еден крај друг и паралелно излегоа од боксот, но бидејќи Макс имаше блага предност и беше во својата линија, дирекцијата на трката воопшто не се вклучи и покрај тоа што Норис заврши во тревата.

Двајцата имаа различни мислења за овој инцидент, кој всушност беше и најголемо возбудување на трката на која Макс стигна до четврта победа во низа на една од своите омилени патеки.

Ферстапен издржа до крајот и го остави зад себе двоецот нa Мекларен, а до десеттото место се пласираа уште Леклер, Расел, Антонели, Хамилтон, Хаџар, Албон и Берман.