Фудбалската федерација на Македонија денеска потврди дел од најважните детали за најавениот хуманитарен натпревар меѓу фудбалските легенди на Македонија и Бугарија и истиот ќе се одигра на 27. април.
Целта на натпреварот е да се соберат средства за помош на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани, па фудбалските легенди на двете земји во атрактивни состави сигурно ќе го привлечат вниманието на фановите на стадионот во Варна.
Предводник на македонскиот тим ќе биде поранешниот селектор Ѓоко Хаџиевски, а во тимот се најавени имиња како Најдоски, Канатларовски, Мицевски, Мемеди од постарата и Пандев, Ибраими, Шаќири и Христов од поновите генерации на македонскиот национален тим.
Бугарските легенди ќе бидат водени од Димитар Пенев, селекторот на генерацијата која освои четврто место на СП 1994.
Во ростерот ќе бидат нејзини членови како Стоичков, Костадинов, Балаков и Сираков, а од помладите генерации ќе им се приклучи Божинов.
– На спортскиот натпревар ќе му претходи хуманитарна програма во која ќе настапат популарни изведувачи, која ќе започне во 15:00 часот.
Билетите може да се купат преку мрежата на Eventim по цени од 15 лева.
Овој гест на солидарност претставува силна порака за човечност и заедништво и симбол на пријателство, спортски дух и заедничка хуманост, – стои во соопштението на ФФМ.