Нешто помалку од две недели по враќањето на Земјата, астронаутката на НАСА, Сунита „Суни“ Вилијамс, повторно се појави во јавноста.
Таа и нејзиниот колега Буч Вилмор го дадоа своето прво интервју по враќањето на Земјата. По првите фотографии објавени пред две недели, многумина забележаа дека Суни сега изгледа значително поодморено отколку веднаш по слетувањето.
„Нејзиното лице изгледа пополно, помалку исцрпено – како конечно да успеала да се наспие“, изјави пулмологот и поранешен воен лекар Винај Гупта за „Daily mail“. Тој објасни дека телото, кога ќе се врати под влијание на Земјината гравитација, спонтано почнува да се лекува и да го нормализира метаболизмот.
„Чудесно“
Кога Вилијамс и Вилмор на 18 март ја спуштија капсулата "SpaceX Dragon" во Мексиканскиот Залив, снимките покажаа дека Вилијамс има значително побела коса, подлабоки брчки и значително потенко лице. Особено загрижуваа нејзините тенки зглобови, што може да биде показател за губење на мускулна маса и густина на коските. Експертите предупредија дека целосното закрепнување по вакви мисии може да трае и до една година.
Иако се наоѓа на Земјата само две недели, Вилијамс за време на интервјуто за "Fox News" и прес-конференцијата на НАСА изгледаше значително поразлично отколку веднаш по враќањето.
„Чудесно“, изјави самата астронаутка за својот напредок.
Сепак, експертите предупредуваат дека целосното физичко закрепнување сè уште претстои. Вилијамс и Вилмор ќе треба да поминат шест недели во интензивна рехабилитација за да ја повратат својата сила, густината на коските и мускулната маса.
Од осумдневна мисија до девет месеци во вселената
Мисијата што требаше да трае само осум дена се претвори во деветмесечен престој во орбитата поради дефект на капсулата "Starliner" на "Boeing". Техничките проблеми – вклучувајќи истекување на хелиум и дефекти во погонскиот систем – значеа дека астронаутите не можеа да се вратат на Земјата на истиот начин на кој полетаа.
Наместо тоа, мораа да чекаат додека не се најде нов план за враќање, што резултираше со еден од најдолгите непланирани престои на американски астронаути на Меѓународната вселенска станица (ISS).
Во своето прво интервју за "Fox News", Суни изјави:
„Мојата прва мисла беше дека мораме да се приспособиме“, рече таа, потсетувајќи се на моментот кога дознале дека нивното враќање е одложено.
„Ако нашиот вселенски брод треба да се врати на Земјата врз основа на одлуки донесени тука, и ако ќе останеме во вселената до февруари, си помислив: Ајде да го искористиме ова на најдобар можен начин.“
Иако во одреден момент била возбудена што ќе остане подолго во орбитата, Вилијамс со ентузијазам зборуваше за својата љубов кон животот во вселената, сведочејќи на научните експерименти што се одвиваа околу нив и следејќи ги промените на" ISS" од нејзината последна посета.
„Почестена сум што бев мал дел од ова“, додаде таа.
Овој астронаутски тандем истакна дека не го обвинува "Boeing" за проблемите, а Вилмор нагласи дека летовите во вселената се секогаш предизвик.
„Ова е нова технологија со која работиме, па кога ќе се собере сè – тоа е тешко“, заклучи Вилмор.