По минатонеделниот тизер кој предизвика голема возбуда кај љубителите на филмот, сега пристигна и официјалниот трејлер за долгоочекуваниот филм „One Battle After Another“. Трејлерот беше објавен на новоотворениот канал на Леонардо ди Каприо на Јутјуб, што дополнително го зајакна јавниот интерес за проектот, кој претставува прва соработка на Дикаприо со прославениот режисер Пол Томас Андерсон.
Станува збор за стилски невообичаена приказна која меша елементи на политичка сатира и црна комедија. Заплетот е делумно инспириран од култниот роман „Vineland“ на Томас Пинчон од 1990 година.
Дикприо го толкува Боб Фергусон, ексцентричен револуционер кој се впушта во лична мисија да ја спаси сопствената ќерка. Во трејлерот тој може да се види како носи бањарка и капа и телефонира од јавен телефон додека се обидува да контактира со своите сојузници, но не може да се сети на лозинката што треба да ја употреби. Во бизарните и комични сцени се издвојува и Бенисио дел Торо, кој го толкува учителот на Боб.
Заедно со Дикаприо и Дел Торо, во филмот играат Реџина Хол, Тејана Тејлор, Шон Пен, Алана Хаим, Вуд Харис, Шејна Мекхејл и Чејс Инфинити.
Според првичните процени на „Variety“, буџетот на филмот надминал 100 милиони долари, а најновите податоци говорат за дури 140 милиони долари, што го прави најскапиот проект на Андерсон досега. Инаку Андерсон е познат како режисер на познатите филмови „There Will Be Blood“, „Inherent Vice“ и „Phantom Thread“.
Ова е првиот филм на Ди Каприо по неговата улога во „Killers of the Flower Moon“ од 2023 година, историската драма на Мартин Скорсезе номинирана за 10 Оскари.
Андерсон зад себе има импресивна кариера, со 11 номинации за Оскар, но ниту еднаш ја нема освоено оваа престижна награда.
Неговиот последен филм „Licorice Pizza“ беше номиниран за најдобар филм, режисер и оригинално сценарио, а првпат бил номиниран во 1998 година за неговото сценарио за „Boogie Nights“.
Филмот „One Battle After Another“, дистрибуиран од „Warner Bros“, ќе се појави во кината на 26-ти септември, а ќе се прикажува и во „IMAX“ верзија.