"Cybertruck" изгледа моќно, но многумина се прашуваат дали навистина е толку цврст.
"Tesla" значително заштеди на развојот и производството на своите модели, а тоа е особено очигледно кај "Cybertruck", кој беше претставен со нов производствен систем што вклучува огромна гигапреса од 9000 тони.
Изработката на автомобил од помал број компоненти овозможува значителни заштеди во тежина и трошоци, но останува прашањето – колку е ваквата структура издржлива? Минатата година, познатиот јутјубер "WhistlinDiesel" успеа да го оштети носечкиот рам на "Cybertruck", укажувајќи на неговата потенцијална слабост.
Новиот тест го става "Cybertruck" на маки
Сега друг познат јутјубер, "JerryRigEverything", одлучи да ја тестира алуминиумската рамка на "Cybertruck". Според "Tesla", "Cybertruck" има максимална влечна сила од 11.000 lbs (4990 килограми).
За да ја провери јачината на рамката, "JerryRigEverything" користеше прецизна вага за да ја измери силата што делува на влечната кука, додека огромен багер вршеше притисок врз неа.
Треба да се напомене дека овој тест не ја мери влечната способност на "Cybertruck", туку вертикалниот притисок на куката, што е сосема поинаков тип на оптоварување.
"Cybertruck" попушти при 4536 килограми притисок
"Cybertruck" издржа до 10.000 lbs (4536 килограми), по што започнаа проблемите – почна да крцка, суспензијата достигна крајна долна точка, а дури и се активираше алармот. На крајот, рамката попушти, што сугерира дека "Cybertruck" би можел да има проблеми при екстремни услови.
Сепак, според "JerryRigEverything", во реални услови "Cybertruck" не би требало да има проблеми со влечење приколки во границите што ги дефинира производителот. Како краен случај, наведува дека удар во голема дупка при брзина од 130 km/h со товар од пет тони може да создаде доволно сила за да го оштети рамот.
Стариот "Dodge Ram 2500" лесно го помина тестот
По "Cybertruck", истиот тест беше направен и на стариот "Dodge Ram 2500", кој без никаков проблем ги издржа сите оптоварувања, без крцкање, оштетувања или аларми.
Заклучок? "Cybertruck" можеби изгледа футуристички, но кога станува збор за чиста издржливост – класичните камионети сè уште го имаат приматот.