[ФОТО] Вака ќе изгледаат реконструираните „Хаваи на Тито“ кај Дубровник – Зад проектот стои азиски мултимилијардер

Точка

24/03/2025

17:30

2.426

Големина на фонт

а а а

Хрватското Министерство за просторно планирање издаде локациска дозвола за изградба на голем туристички комплекс што треба да го замени култното одморалиште во Купари.

Како што претходно беше познато, освен хотелот Гранд, ќе бидат урнати сите згради на местото на поранешниот воен комплекс, кој често го посетувал Јосип Броз Тито, како и бројни светски познати личности.


Според „Слободна Далмација“, заедно со обновата на хотелот Гранд, на местото на некогашните четири хотели ќе се гради и луксузен комплекс со нови сместувачки капацитети.

„Јавна пешачка патека низ градина од палми, северно од хотелот Гранд, ќе го поврзе главниот пат со крајбрежното шеталиште. Планиран е нов насип кој ќе служи како јавен простор и ќе им овозможи пристигнување на поголемите бродови. Пристаништето ќе биде достапно за секого. Исто така се разгледува поттикнувањето на поморскиот транспорт како алтернативен начин за да се стигне до Дубровник, што ќе го намали сообраќајот на главниот автопат во текот на летото и ќе овозможи автентично искуство на пристигнување по морски пат“ изјавил Марко Дабровиќ, архитектот и косопственик на студиото 3LHD, кој е задолжен за целиот проект.


Тој нагласил дека хотелските соби и вили ќе бидат многу пространи.

„Обновата на хотелот Гранд ќе ја задржи оригиналната надворешност на зградата, додека внатрешноста ќе биде приспособена на новите функции. Планираните работи вклучуваат реконструкција на централното столбиште и изградба на голема мултифункционална банкетна сала со кујна. Историските печки за тули ќе бидат зачувани и интегрирани како центар за интерпретација, а западното крило ќе биде простор за културни активности. Иако проектот првенствено бил фокусиран на луксузниот туризам, големо внимание било посветено и на обезбедување пристап до јавните удобности“, додал архитектот.


Инвеститор во новиот туристички комплекс „Купари“ е хрватската компанија „Kupari Luxury Hotels“. Компанијата е во мнозинска сопственост на компанијата на азискиот мултимилијардер Онг Бенг Сенг од Сингапур.

Идниот туристички комплекс ќе има околу 400 кревети од висока категорија, 32 апартмани и четири вили.


Летното одморалиште кај Дубровник било исклучително популарно за време на поранешна Југославија, а со текот на годините станало познато како воено летувалиште кое го посетувал и Јосип Броз Тито, а за време на својата најголема слава го нарекувале дури и „Хаваите на Тито“.

Покрај Тито, Купари го посетувале и големите филмски ѕвезди како Јул Бринер, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон.