Франк Рибери, легендарниот играч на Баерн и француската фудбалска репрезентација во интервју за „Лекип“ се осврна на неговата брилијантна сезона 2012/13 година, во која со Баерн ја освои тројната круна – Бундеслигата, Лигата на шампионите и Купот на Германија. Французинот смета дека таа сезона требало да ја освои Златната топка.
„Тоа беше совршена година. Не можев подобро. Оваа Златна топка засекогаш ќе остане неправда. Сè уште барам објаснување. Никогаш нема да разберам зошто го поместија рокот за гласање за повеќе од петнаесет дена”, рече тој во интервјуто.
Поранешната икона на Баерн верува дека таа година бил на врвот на својата форма.
„Лионел Меси и Кристијано Роналдо секогаш ми покажуваа почит. Тие знаеја дека седам на нивната маса. Искрено, во 2013 година немав на што да им завидувам“.
Роналдо доби 27,99 отсто од гласовите, Меси 24,72, а Рибери 23,36. 41-годишниот се уште не може да го преболи таквиот исход.
Рибери помина 12 години во Баерн, со кого освои 23 трофеи, од кои девет титули во германскиот шампионат, шест купови, а во 2013 година ги додаде Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство. За Баерн одигра 425 натпревари, постигна 124 гола и забележа 182 асистенции.
Во текот на кариерата играше и за Булоњ, Олимпик Але, Брест, Мец, Галатасарај, Марсеј, Фиорентина и Салернитана. За француската репрезентација забележа 81 настап и постигна 16 голови Салернитана беше неговиот последен клуб во неговата играчка кариера.