Растенија кои помагаат за релаксација и намалување на стресот

Точка

20/03/2025

21:31

4.762

Големина на фонт

а а а

Постојат растенија кои се благотворни за нашето тело, без разлика дали сме во нивна близина, ги користиме како чај, во исхраната или ги мирисаме, тие помагаат да се опуштиме. Постојат сè повеќе научни докази дека растенијата играат фундаментална улога во обликувањето на нашата ментална состојба и намалувањето на ризикот од ментални и физички болести.

Оние кои ја истражуваат енергијата на просторот истакнуваат дека растенијата можат да дејствуваат врз луѓето како игли за акупунктура, кои ја зголемуваат енергијата. Ако вистинското растение се најде на одредена локација, често може да го балансира протокот на позитивна енергија во просторот.


Светската банка процени дека до 2050 година, седум од десет луѓе ќе живеат во градови и дека пристапот до растенијата во нивната природна средина ќе стане поголем предизвик. Сè повеќе сме одвоени од природата. Но, и покрај сите погодности и опции за одмор што ни ги нуди технологијата на 21 век, се чини дека мора да останеме во допир со природата. 

Како растенијата можат да ја „подобрат“ нашата состојба на умот

Повеќето луѓе ги ценат растенијата како убавите цвеќиња и дрвјата, знаејќи дека тие се неопходни за процесот на фотосинтеза. Малкумина знаат дека менталната и физичката врска со растителниот свет е подлабока отколку што очекуваме. Тие можат да ги намалат симптомите на депресија, анксиозност и нарушувања на расположението и да го намалат нивото на хормонот на стрес кортизол.

Неколку студии покажале дека хортикултурната терапија може да помогне да се подобри квалитетот на животот.

Растенијата со своите бои, мириси, изглед и лековити својства даваат различни здравствени придобивки бидејќи влијаат на расположението, ја смируваат негативната енергија, ја подобруваат концентрацијата со своите мириси и на тој начин ја олеснуваат комуникацијата.


Истражувачите истакнуваат дека некои луѓе се порелаксирани во средина полна со растенија.

Студијата спроведена на Универзитетот во Ексетер покажала дека луѓето кои се преселуваат во делови од градот кои се богати со зеленило, градини и паркови имаат подобро ментално здравје. Првите резултати кај испитаниците биле забележани по првата година од животот откако се преселиле во позелена средина.

Исто така резултатите од студијата сугерираат дека домашните растенија можат да помогнат во намалување на стресот и крвниот притисок.

Лаванда

Позната по својот опоен мирис кој го смирува умот. Се користи со векови, а богата е со прекрасни виолетови цветови и ароматични лисја. Расте како грмушка лесна за одгледување, лавандата најдобро е да се засади на пролет, напредува на сончево место и цвета кон крајот на пролетта и летото.


Ова е растение кое секогаш е на врвот на листата како природен лек против анксиозност. Лавандата е извор на едно од најпопуларните есенцијални масла. Нејзиниот мирис се користи за намалување на анксиозноста, подобрување на краткорочната меморија и промовирање на добар, квалитетен сон. Цветовите се користат и како чај.

Јасмин

Растението кое има прекрасни бели цветови, дрвенесто е, но може да расте и како ползавец. Цвета и во текот на летото и во текот на топлите зими. Зимскиот јасмин расте како грмушка, а неговите цветови се жолти.


Сите видови на ова растение имаат мали цветови во форма на ѕвезда со сладок и карактеристичен мирис. Овој мирис е познат по тоа што му помага на телото да се ослободи од анксиозноста. Кога сме опкружени со јасмин, пред сè се чувствуваме посмирени.

Најдобро е да се засади на сончево, топло и заштитено место.

Маточина

Припаѓа на семејството на нане. Тоа е грмушесто, повеќегодишно растение со овални листови и мирис на лимон, а има заоблен цвет. Се нарекува и мелиса, што е грчки збор за пчела. Маточината е богата со полен, а листовите се користат за чај и како зачински арома во различни јадења.


Ова растение има моќни релаксирачки својства и се користи за борба против стресот, анксиозноста и несоницата.

Рузмарин

Повеќегодишно растение, познато во медицината уште од античко време. Се користи и како зачин во повеќето медитерански кујни, а со векови се употребува во традиционалната медицина.

Расте како грмушка и го сака сонцето, а има мирисни лисја како иглички. Неговиот мирис често се поврзува со мирисите на Медитеранот.


Етеричното масло од рузмарин има мирис на дрво. Најчесто се користи во ароматерапијата бидејќи го смирува телото и ја подигнува енергијата на умот. Маслото од рузмарин, исто така, може да помогне за подобрување на функцијата на меморијата и ублажување на анксиозноста.

Истражувањата покажале дека мирисот на есенцијалното масло од рузмарин може да го намали нивото на хормонот на стрес – кортизол во крвта.

Хризантема

Таа цвета кон на крајот на летото. Станува збор за повеќегодишно растение кое е отпорно на студените зимски денови. Цветовите од овој вид растение нудат цела палета на бои и се украс на секој дом. Тие внесуваат чувство на радост и мир во нашите градини и домови, помагајќи да се намалат симптомите на грижа и стрес. Хризантемата е едно од растенијата кои го прочистуваат воздухот и помагаат при релаксација.


Меѓутоа постојат многу други растенија кои се корисни во нашето секојдневие како што се босилек, нане, камилица.

Растенијата не се луксуз, тие се дел од нашиот свет. Затоа, не треба да не чуди што зборот „растение“ на многу јазици се преведува како „оние кои се грижат за нас“.