Катедралата Нотр Дам воведува нови правила за посетителите од 1 јули

Точка

23/06/2026

21:11

410

Големина на фонт

а а а

Катедралата Нотр Дам во Париз од 1 јули воведува построги правила за организираните посети, вклучително и задолжителни резервации и ограничен број термини поради сè поголемиот број посетители.

Одлуката предизвика загриженост меѓу туристичките водичи и агенциите, кои стравуваат од намалување на атрактивноста на локалитетот и влошување на квалитетот на посетата, пренесе „Фигаро“.

Стручното здружение „GREAT France“, кое ги обединува туристичките компании, тврди дека капацитетот за организирани посети е намален за дури 95 отсто.


„По повеќе од една и пол година редовни и конструктивни разговори, длабоко жалиме поради целосното отсуство на почит кон заеднички вложениот труд“, наведе здружението во соопштението.

Според новите правила што ги објавија надлежните институции, организираните групи во иднина ќе мора да почитуваат строги правила во врска со резервациите, опремата и начинот на водење на посетите.


Туристичките работници особено укажуваат на заострувањето на условите за организирање групни тури, со ограничен број термини и помала флексибилност за туристичките агенции и лиценцираните водичи.

Од 1 јули, секоја услуга што ја нуди водич кој не е вработен во катедралата ќе мора однапред да биде резервирана.

Резервациите ќе се вршат преку посебни канали наменети за туристичките професионалци, со што се укинува можноста за спонтан влез на организирани групи.

Надлежните, исто така, наведуваат дека овие правила се однесуваат на групи од две до 25 лица, вклучувајќи го и водичот, како и дека секој професионалец ќе мора да почитува тримесечна квота за пристап, со цел да се регулира вкупната посетеност на локалитетот.


Уште една новина, која дел од водичите ја поздравуваат е задолжителната употреба на аудиосистем – слушалки и приемници – за време на сите организирани обиколки.

Опремата, која ја обезбедува службата на катедралата, би требало да ја намали бучавата што ја создаваат групите и подобро да го зачува духовниот карактер на местото.

На крајот, водичите за време на контролите ќе мора да ја покажат својата професионална легитимација.

Оваа обврска претставува повеќе потсетување на постојните правила отколку суштинска промена, пишува „Фигаро“.